Баербок бара повторно воведување на спасувачка мисија во Средоземјето
- -Умирањето во Средоземјето е отворена рак рана на Европа бидејќи не успеавме да се договориме за заедничка политика за имиграција и бегалци, рече Баербок во интервју за „Ди Велт“ (Die Welt).
Берлин, 20 март 2023 (МИА) – И покрај повиците на некои европски земји членки за воведување построги мерки за ограничување на илегалната миграција, шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, побара повторно воведување на спасувачката мисија на Европската унија во Средоземјето, јавија денеска германските медиуми.
-Умирањето во Средоземјето е отворена рак рана на Европа бидејќи не успеавме да се договориме за заедничка политика за имиграција и бегалци, рече Баербок во интервју за „Ди Велт“ (Die Welt).
Таа побара повторно воспоставување на спасувачка мисија во Медитеранот откако во 2019 година беше откажана мисијата „Софија“ поради несогласувања меѓу членките на Европската унија околу пристапот кон имиграциската политика.
-Тоа што ни треба е споделена одговорност и мора да работиме на зајакнување на солидарноста. Затоа, според мене, формирањето на спасувачка мисија е неопходно, рече Баербок.
Во пресрет на самитот на ЕУ, што треба да се одржи оваа недела, шефицата на германската дипломатија предупреди дека сè уште треба да сер аботи на договорот за заедничка имиграциска политика на ниво на Европската унија и се заложи за поголема солидарност со членките на ЕУ лоцирани на надворешните граници на Унијата.
-Земјите на надворешните граници на ЕУ не смеат да бидат оставени на цедило, како со луѓето кои се спасени од бродоломите, така и со оние кои стигнале до Европската унија, но немаат изгледи да добијат статус на бегалци, рече Баербок.
Според Меѓународната организација за миграција, само минатата година најмалку 2.406 лица ги загубиле животите обидувајќи се да го преминат Средоземното Море, но се верува дека реалната бројка е многу поголема. сд/