• петок, 22 ноември 2024

Бадниковата поворка со 100 дечиња во Прилеп го најави Христовото раѓање

Бадниковата поворка со 100 дечиња во Прилеп го најави Христовото раѓање

Прилеп, 6 јануари 2023 (МИА) - Околу 100 дечиња на возраст од 4 до 13 години денеска во бадниковата поворка низ центарот на Прилеп ги пееја ангелските песни и песната „Вечен е Бог“ најавувајќи го Христовото раѓање. Со ѕвезди во рацете, децата во поворката тргнаа од центарот, од плоштадот Александрија поминаа низ прилепската стара чаршија, пригодно дарувани од прилепчани. Од прилепскиот градоначалник Борче Јовчески добија желби за безгрижно детство, среќна година како и пакетчиња.

Децата радосно ја врвеа поворката која заврши во прилепскиот храм „Свети Кирил и Методиј“.

- Многу ми е убаво што ги пееме песните за Исус Христос. Сакам да им биде убаво на сите, рече Анамарија Пашоска.

Катерина Лефкоска, координатор за бадниковата поворка, нагласи дека уште повеќе дечиња им се придружиле во радосните моменти. Повеќе од три недели се подготвувале и изработувале ѕвезди.

- Радоста е голема што денеска ни се придружија уште повеќе дечиња. Сакаме сите да се радосни за Христовото раѓање, рече Левкоска. ем/ар

Остани поврзан