• вторник, 24 декември 2024

Бабовски во Брисел на состанокот за билатералниот скрининг за Поглавјето 12

Бабовски во Брисел на состанокот за билатералниот скрининг за Поглавјето 12

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Денеска на првиот ден од петдневниот билатерален скрининг состанок со Европската Комисија, за усогласеноста на македонското законодавство со европското, што се одржува во Брисел, Белгија, воведно обраќање имал директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, во својство на раководител на работната група за Поглавјето 12, во рамки на Кластерот 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија.

Тој изразил благодарност до Комисијата за целокупната досегашна поддршка и соработка, во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, во процесот на евроинтеграција на земјава.

Агенцијата за храна и ветеринарство, додал тој, е носител на поглавјето 12, со оглед на фактот дека од вкупно шест подрачја од кои се состои тоа, пет се во надлежност токму на Агенцијата за храна и ветеринарство. За подрачјето од областа на фитосанитарната политика и зоотехника надлежно е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Имајќи ја предвид обемноста на Поглавјето 12 (доказ за тоа е и времетраењето на самиот билатерален состанок) како и карактеристиките на законодавство кое подлежи на чести измени, целокупниот процес на усогласување и негово спроведување бара континуиран ангажман, воспоставена структура кај надлежните институции и подготвеност за примена на преземените барања, за што се неопходни капацитети, т.е. подготвена административна служба, која не само што има улога да придонесе за напредокот на самата администрација, туку и за бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, истакнал Бабовски во обраќањето, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Надлежните институции вклучени во поглавјето 12, посочил тој, во континуитет вршат усогласување на законодавството на ЕУ и досега постигнат е висок степен на усогласеност. Следејќи ги тековните промени во европското законодавство, во тек е измената на повеќе закони и подзаконски акти кои произлегуваат од Регулативата на ЕУ 2016/429 (тн Закон за здравствена заштита на животните ), Регулативата 2016/2031 за здравје на растенијата, како и делегирачки и имплементирачки акти кои произлегуваат од Регулативата на ЕУ за официјални контроли 2017/625.

-Надлежните институции редовно спроведуваат активности за зајакнување на административните капацитети со цел ефикасна имплементација на законодавството усогласено со соодветното законодавство на ЕУ. Посебен акцент ставам на институционалните реформи што се случија пред повеќе од 13 години со формирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство како единствен орган за безбедност на храна. Ова беше оптимално решение за да се надминат дотогашните преклопувања на надлежности и други тешкотии кои беа пречка да се испочитуваат барањата на законодавството на Европската Унија, потенцирал тој.

Од исклучителна важност, како што се наведува во соопштението, е финансиската поддршка преку ИПА програмите кои ја обезбедува Европската унија за ефикасна имплементација на законодавството од Поглавјето 12, како и за дополнително зајакнување на институционалните и административните капацитети на институциите надлежни за ова поглавје.

-Европската комисија повторно го оцени Поглавјето 12 со виска оцена и во последниот Извештај за напредокот на нашата земја во евроинтеграциите. Наредните пет дена очекувам дека само ќе го потврдиме нотираното во Извештајот, со верување дека Поглавјето 12 ќе добие шанса за понатамошен напредок, со отворање на преговорите за членство во Европската унија, заклучил Бабовски во обраќањето пред претставниците на Европската Комисија и членовите на работната група за преговарачкото Поглавје 12. цр/дма/

Фото: Агенција за храна и ветеринарство

Остани поврзан