• среда, 04 февруари 2026

Бабиш: Реформата на трговијата со емисии на јаглерод ќе донесе пониски цени на енергијата

Бабиш: Реформата на трговијата со емисии на јаглерод ќе донесе пониски цени на енергијата

Прага, 3 февруари 2026 (МИА) - Европската Унија мора да го реформира својот систем за трговија со емисии на јаглерод за да ги намали цените на енергијата, изјави денеска чешкиот премиер Андреј Бабиш во писмо до лидерите на ЕУ, раководителите на Европската комисија и Европскиот совет.

Бабиш изјавил дека ЕУ треба да ја ограничи цената на дозволите за емисии во рамките на Системот за трговија со емисии (ЕТС) и да го одложи воведувањето на неговата втора фаза. Зборувајќи на прес-конференција пред неформалниот самит на ЕУ на 12 февруари, Бабиш изјавил дека ќе се обиде да обезбеди поддршка од други лидери, вклучувајќи ги Франција и Италија.

Тој истакнал дека цените на дозволите за емисии во претходните години биле прогнозирани на значително пониско ниво од сегашното, што, како што рекол, претставувало сериозен товар за европската индустрија.

„Неопходно е да се ограничи цената на дозволите за да се спречи прекумерно зголемување на цените и преместување на индустријата од Европа“, се наведува во писмото.

Според него, високите цени на енергијата во Европа се резултат на неколку фактори, вклучувајќи ги високите цени на горивата, недоволните инвестиции во електричните мрежи и националните даноци.

Бабиш, исто така, повика на одложување на спроведувањето на ЕТС за згради и транспорт, познато како ЕТС2, најмалку до 2030 година, откако ЕУ веќе одлучи да го помести неговиот почеток од 2027 на 2028 година.

Системот за тргување со емисии е главен инструмент на ЕУ за намалување на емисиите на јаглерод, наплаќајќи им на индустријата и електраните за секој тон испуштен CO2, со цел да се поттикне почисто производство и инвестиции во технологии со ниска емисија на јаглерод.

Цената на јаглеродот во ЕУ денеска беше околу 81 евро за тон CO2, откако накратко достигна околу 90 евра кон средината на јануари. мс/јт/

фото: ЕПА

Остани поврзан