• четврток, 02 јануари 2025

Ахмети: Немам контакт со Груби и немам детални информации каде се наоѓа

Ахмети: Немам контакт со Груби и немам детални информации каде се наоѓа

Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вели дека нема детални информации каде e Артан Груби, откако беше јавно повикан да каже каде се наоѓа по неговата вчерашна изјава дека е на албанска територија. 

-Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија - Косово. Верувам силно дека секој граѓанин, вклучувајќи го и господинот Груби заслужува правичен и неселективен судски процес далеку од селективна апликација на правото, изјави Ахмети за ТВ 21.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека се надева оти Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда. 

- Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За се останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам - именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон, изјави денеска Мицкоски. 

Според премиерот, најлесен начин да се докаже дали некој е виновен или не, е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата.

Од државното Јавно обвинителство денеска излегоа со информација дека за Груби е распишана национална и меѓународна потерница и дека домашните и меѓународните органи задолжени за извршување на тие наредби имаат овластување да ги преземат сите неопходни мерки вклучително и да повикаа други лица доколку тие имаат сознанија каде се наоѓа осомничениот. 

- Јавното обвинителство издаде наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице. Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот, се наведува во одговорот од ЈОРСМ.

Груби е осомничен во случајот со злоупотреби во Државна лотарија, каде меѓу осомничените е и поранешниот директор Прпарим Бајрами, а штетата се проценува на околу 8,2 милиона евра. аа/мч/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан