• недела, 22 декември 2024

АХК Северна Македонија организира саем за вработување и кариера на вториот ден од SUBEX

АХК Северна Македонија организира саем за вработување и кариера на вториот ден од SUBEX

Скопје, 25 март 2024 (МИА) – Втора година по ред, денеска и утре, се одржува бизнис настанот SUBEX чија цел е поврзување на домашните компании добавувачи со компании купувачи од Германија, ЕУ и регионот, соопштуваат од АХК Северна Македонија.

На настанот, како што е наведено во соопштението, била истакната важноста на јакнењето на економските врски во време кога Европа, но и светот се соочува со големи предизвици, кои оставаат силни последици и врз стопанството.

Воедно биле доделени сертификати на втората генерација ученици кои завршиле дуално образование по германски стандарди. 

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакнал дека расте бројот на запишани ученици во средното стручно образование.

-Со гордост можам да кажам дека со исклучителен неколкугодишен ангажман на Министерството за образование и наука заедно со нашите партнери, ја променивме перцепцијата за стручното образование и ја зголемивме неговата атрактивност. Тоа го покажува и континуираниот раст на бројот на запишани ученици во средното стручно образование. Во учебната 2023/2024 во средно стручно се запишаа над 43 илјади ученици. Ако до неодамна гимназиите беа прв избор на завршените деветтооделенци, сега сликата е сосем променета. Оваа учебна година 67,3 проценти од учениците одбраа стручно образование, споредено со гимназиското, рекол Шаќири.

Тимот на АХК Северна Македонија посочил дека во изминатите години домашните и германски инвеститори се повеќе биле посветени на темата обезбедување на стручни кадри.

-Вчера зборувавме за факторите кои моментално го прават балканскиот регион толку атрактивен за Германија и европската економија, воедно германските инвеститори во Северна Македонија со повеќе од 20 000 работни места се најголемите, а истовремено и оценети како едни од најатрактивните работодавачи. Сметам дека младите кога носат одлука за изборот на идната професија покрај личните таленти и афинитети треба да ја земат во предвид и побарувачката на кадри од кои пазарот на трудот има потреба. На денешниот саем за вработување и кариера ќе се претстават повеќе од 30 компании, кои ќе имаат можност во директен дијалог со учениците, студентите и стипендистите да разговараат за потребите профили во нивните компании, изјавилa Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.

АХК Северна Македонија шест години по ред ја спроведува програмата за дуално стручно образование по германски терк. Програмата се спроведува во седум средни стручни училишта и во 15 компании партнери.свс/дма/

Фото: АХК Северна Македонија

Остани поврзан