• вторник, 24 декември 2024

АХВ и црногорската Управа за безбедност на храна ќе потпишат меморандум за соработка

АХВ и црногорската Управа за безбедност на храна ќе потпишат меморандум за соработка
Скопје, 14 февруари 2022 (МИА) - Официјализирање на соработката и унапредување на активностите меѓу двете институции, на полето на безбедноста на храната, храната за животни и ветеринарството, но и размена на искуства, договорија на денешниот работен состанок директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски и Владимир Џаковиќ, директор на Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни прашања на Република Црна Гора, кој ја предводи делегацијата од оваа институција, која денеска и утре ќе биде гостин на АХВ. Како што информираат од АХВ, Бабовски ја презентирал организациската поставеност на Агенцијата, состојбата со безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните во државава. Претставени биле и приоритетите на АХВ за наредниот период, акцентирајќи ги полињата на соработка со црногорската Управа, за чија реализација, активностите ќе се интензивираат и унапредуваат по потпишување на меморандумот за соработка, што треба да се случи во најскоро време. Од АХВ соопштија дека стручни лица од Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните, на делегацијата од Црна Гора детално им ја презентирале состојбата со болеста африканска свинска чума во земјава и мерките кои досега се преземани со цел спречување на нејзино ширење, ставање под контрола и прогласување на државава за слободна од оваа болест, за што од нивна страна бил покажан исклучително голем интерес. На средбата, како што се вели во соопштението, тие истакнале дека и Република Црна Гора вложува напори и презема мерки за спречување на појава на оваа болест која е присутна во соседните земји и која претставува сериозна закана за регионот. На состанокот е заклучено дека е неопходна интензивна соработка и размена на искуства на надлежните ветеринарни служби.фф/лв/

Остани поврзан