• вторник, 05 ноември 2024

Африканската Унија денеска одржува средба посветена на ситуацијата во Нигер

Африканската Унија денеска одржува средба посветена на ситуацијата во Нигер

Ниамеј, 14 август 2023 (МИА) - Африканската унија соопшти дека денеска одржува состанок за ситуацијата во Нигер, каде војската изврши државен удар и инсталираше своја влада.

Состанокот на Советот за мир и безбедност, орган задолжен за конфликтите и безбедноста во рамките на Африканската Унија, се одржува во време кога извршителите на државниот удар викендов испратија спротивставени пораки. Воената хунта првично изрази подготвеност за преговори, а потоа соопштија дека на претседателот Мохамед Базум, кого со пуч го симна од власт на 26 јули, ќе му се суди за „велепредавство“.

Состанокот на Африканската Унија се одржува во седиштето на организацијата во Адис Абеба, а АУ го објави на платформата Х (до неодамна Твитер).

Новиот премиер, поставен од војската, рече дека Нигер успеал да ги „надмине“ санкциите наметнати по пучот.

Овие санкции се „неправедни“, изјави денека новоименуваниот премиер Махаман Ламине Зеине во интервју за германскиот медиум Дојче веле. - Иако е неправеден удар што ни го наметнаа, би требало да можеме да го надминеме, рече тој. И ќе го надминеме, итакна премиерот потавен од пучитите за новите мерки наметнати на Нигер од страна на Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS).

Меѓу санкциите усвоени од ЕКОВАС се и суспензијата на финансиските трансакции со Нигер и замрзнувањето на сите услуги, вклучително и енергетските услуги, поради што земјата веќе се соочува со прекини на електрична енергија.

Воениот режим вчера ги осуди „незаконските, нехумани и понижувачки санкции“ од страна на ЕКОВАС усвоени на состанокот на организацијата на 30 јули кога организацијата и даде на војската седум дена да го врати уставниот поредок под закана со сила, што досега не успеа да го стори.

Синоќа пак,  воената хунта соопшти дека ќе му суди на соборениот претседател Мохамед Базум за „предавство“ и поткопување на националната безбедност, само неколку часа откако објави дека се отворени за разговори со претставници на Економската организација на земјите од Западна Африка- ЕКОВАС. 

Портпаролот на воената хунта Амаду Абдрамане синоќа на државната телевизија изјави дека војската „ги собрала потребните докази за да го гони соборениот претседател, како и неговите домашни и странски соучесници за велепредавство и за поткопување на внатрешната и надворешната безбедност на Нигер“.

Базум, кој беше демократски избран претседател на Нигер, беше соборен со државен удар на 26 јули и оттогаш е во домашен притвор во неговата резиденција во Ниамеј.

Во изминатите денови постојано растеше меѓународниот притисок врз хунтата за ослободување и враќање на Базум на власт. Веднаш по државниот удар, ЕКОВАС и даде на армијата седум дена да го врати Базум на функцијата и се закани дека ќе употреби воена сила, но тој рок помина без акција од ниту една страна. Минатата недела ЕКОВАС нареди распоредување на резревни сили, но сè уште е нејасно кога и дали тие војници ќе влезат во земјата.

Нигер е четвртата земја во 15-члената организација ЕКОВАС која во последните три години доживеа државен удар.

Нигер е важна земја во Сахел, регион јужно од пустината Сахара, со кој западните земји соработуваат во борбата против џихадистичкото насилство поврзано со Ал Каеда и терористичката група Исламска држава, а кои убија илјадници лица. ссм/

Остани поврзан