• понеделник, 23 декември 2024

Атинската ривиера ќе добие велосипедска патека и пешачка зона од 22 километри

Атинската ривиера ќе добие велосипедска патека и пешачка зона од 22 километри
Атина, 4 јуни 2021 (МИА) – Пешачка зона и велосипедска патека во должина од 22 километри, меѓу другото, вклучува планот на грчката Влада за обнова на јужниот дел на Атина, односно на атинската ривиера во рамките на проектите планирани од Фондот за закрепнување и владината програма „Грција 2.0“, јави дописничката на МИА од Атина. Проектот се однесува на атинската ривиера што е во должина од околу 70 километри, а го презентираше грчкиот премиер Кирјакос Мициотакис. Рече дека Атина има можност да си го врати нејзиното место во светот, храбро справувајќи се со предизвиците на 21 век, „за позелена и дигитална иднина“ и потенцираше дека е особено важен фактот што прв пат се воведува национална стратегија за велосипедизам и затоа проектот има посебно значење. Мицотакис откри дека лично тој е велосипедист, но го одбрал планинскиот велосипедизам, бидејќи, како што објасни „велосипедизмот во град, за жал, и понатаму е тежок, од причини што сите многу добро ги знаат“. Велосипедската патека и пешачката зона ќе почнуваат од Пиерас и ќе поминуваат низ неколку населби и предградија во делот покрај морето. Целта на проектот е да се зголеми употребата на велосипедите во Атина, со оглед на тоа дека не постојат голем број посебни патеки за велосипедисти, а планирано е освен во јужниот дел од градот, да се изградат и во други делови. ср/сд/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан