• понеделник, 23 декември 2024

АСЕАН бара хунтата во Мјанмар да престане со убиствата и да ги ослободи затворениците

АСЕАН бара хунтата во Мјанмар да престане со убиствата и да ги ослободи затворениците
Џакарта, 24 април 2021 (МИА) - Лидерите на земјите-членки на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН) на денешниот Самит во главниот град на Индонезија, Џакарта побара да престанат убиствата на граѓаните и да се ослободат политичките затвореници во Мјанмар. За време на двочасовниот Самит, лидерите на АСЕАН му порачаа на мјанмарскиот генерал Мин Аунг Хлаинг веднаш да започне дијалог помеѓу спротивставените страни во Мјанмар со посредство на претставници на Асоцијацијата. - Ситуацијата во Мјанмар е неприфатлива и не треба да се продолжи. Насилството мора да се запре, а демократијата, стабилноста и мирот во Мјанмар треба веднаш да се обноват. Интересите на луѓето во Мјанмар секогаш мора да бидат приоритет, изјави претседателот на Индонезија Јоко Видодо. Пораката упатена до генералот Мин е невообичаено директна и може да се толкува како кршење на принципот на АСЕАН дека е забрането мешање во внатрешните работи на други држави. Премиерот на Малезија, Мухџидин Јасин истакна дека политиката не треба да доведе до пасивност ако внатрешната ситуација „ги загрозува мирот, безбедноста и стабилноста на АСЕАН и поширокиот регион“ и ако меѓународната заедница бара одлучна акција. Тој наведе дека на претседавачот со АСЕАН, премиерот на Брунеи, Хасанал Болкија и на генералниот секретар на Асоцијацијата Лим Џок Хои треба да им се овозможи влез во Мјанмар и средба со ривалските страни, со цел да се поттикне дијалогот. Армијата ја презеде власта во Мјанмар со воен удар на 1 февруари, од кога во земјата секојдневно се одржуваа масовни демонстрации. Во судирите со припадниците на полицијата и армијата,кои користат боева муниција, загинаа повеќе од 700 лица, главно мирни демонстранти, но и минувачи. Засега е непознато дали генералот Аунг Хлаинг одговорил на пораките и ставовите на лидерите на АСЕАН. Земји-членки на АСЕАН се Филипини, Индонезија, Малезија, Сингапур, Брунеи, Мјанмар, Тајланд, Лаос, Виетнам и Камбоџа. ми/

Остани поврзан