• петок, 22 ноември 2024

Арсовска: Пет нови мега паркови во Скопје

Арсовска: Пет нови мега паркови во Скопје
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска во својата програма предвидува изградба на пет нови мега паркови во општините Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, по примерот на градскиот парк. Според Арсовска, запоставениот градски парк и неспособноста за обезбедување на повеќе зелени места во градот е еден од проблемите на скопјани. -Последниве години сме сведоци дека останавме без дрвја за сметка на бетонизацијата. Oвие неколку години Скопје доживеа урбан хаос, се градеше на места без долгорочен план и стратегија за иднината. Зеленилото е потреба на секој модерен град, а ние во континуитет го губиме. Нема компромиси кога станува збор за здравјето на граѓаните, нема компромиси наместо зеленило да се градат згради кога Скопје е еден од најзагадените градови. Скопјани имаат само еден парк и тој не е среден како што треба, рече Арсовска на денешната прес-конференција. Таа напомена дека парковите ќе бидат изградени со урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки. Во рамки на програмата и релизацијата на овој проект за изградба на нови пет мега паркови Арсовска рече дека се обврзува градот да засадува 100.000 нови садници секоја година. -Немаме друга опција освен Скопје да стане вистински еколошки и одржлив град. Ако сакаме чист воздух, убава средина за живот и места за рекреација мора да вложиме во нив. Нема повеќе оправдувања и одложувања. Скопје мора да има брзи и сигурни решенија, додаде Арсовска.бт/сст/

Остани поврзан