• вторник, 24 декември 2024

Арсовска изврши увид во изградбата на клучка на бул. „Никола Карев“ со бул. „Осми Септември“

Арсовска изврши увид во изградбата на клучка на бул. „Никола Карев“ со бул. „Осми Септември“

Скопје, 7 април 2023 (МИА) - Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска изврши увид во реализацијата на проектот за изградба на клучка на крстосницата на булевар „Никола Карев“ со булевар „Осми Септември“. 

Како што информираат градските власти, ова е еден од најголемите капитални инфраструктурни проекти кои се во тек во Град Скопје и се одвиваат согласно предвидената динамика.  

- Со реализацијата на овој проект главниот град добива целосно ново сообраќајно решение и ќе придонесе кон олеснето и безбедно движење на овој дел на градот, се вели во соопштението. 

Со овој проект, покрај изградба на клучката се предвидува и изградба на нов кружен тек на крстосницата на булевар „Осми Септември“ со улицата „Скупи“, со што се елиминираат проблемите кои во сообраќајот ги правеше дотраеното сообраќајно решение со семафор, а значително се подобрува и безбедноста.

Се предвидува изградба на два нови моста на река Серава, едниот на булевар „Осми Септември“ и вториот на булевар „Никола Карев“, реконструкција и проширување на дел од улицата „Скупи“, булевар „Осми Септември“ и булевар „Никола Карев“. Се предвидува изградба на нови пешачки и велосипедски патеки, со соодветно хортикултурно уредување и ново улично осветлување и изградба на целосно нова атмосферска канализација. 

- Ги замолуваме граѓаните за внимателно движење по трасата и за трпение со оглед на моменталниот времен сообраќаен режим на движење на возила. Реализацијата на овој проект е исполнување на уште едно ветување од програмата „За Модерно Скопје“, се вели во соопштението од Град Скопје. мд/лв/

Фото: Град Скопје 

 

Остани поврзан