• недела, 24 ноември 2024

Аргентина ја заменува својата национална агенција за приходи со друго тело и укинува повеќе од 3.000 работни места

Аргентина ја заменува својата национална агенција за приходи со друго тело и укинува повеќе од 3.000 работни места

Буенос Аирес, 22 октомври 2024 (МИА) - Сојузната управа за државни приходи на Аргентина ќе биде заменета со идна Агенција за наплата на долгови и царинска контрола, промена со која ќе бидат укинати 3.155 работни места, соопшти претседателството.

Ова е „суштински чекор кон елиминирање на непотребната бирократија што ја попречува економската и комерцијалната слобода на Аргентинците“, се вели во соопштението на „Х“. „Тоа ќе овозможи намалување на трошоците за 15 отсто за оваа власт“.

Откако дојде на власт, ултра-либералниот претседател Хавиер Милеј направи голем број драстични кратења во државните органи. Конкретно, тој го намали бројот на министерства од 18 на осум, го намали персоналот на други владини агенции или дури ги елиминираше.

Политиките на штедење на Милеј доведоа до значително забавување на инфлацијата, до околу четири проценти на месечна основа (во споредба со просечните 17 проценти во 2023 година) и конзистентни месечни буџетски салда без преседан во последните 15 години.

Сепак, тоа доведе и до остра рецесија (прогноза од -3,5 проценти на крајот на 2024 година), пад на економската активност и губење на илјадници работни места.

Според податоците објавени на крајот на септември, сиромаштијата во Аргентина, која континуирано расте две години, достигнала 52,9 отсто од населението во првата половина на 2024 година, што е скок од повеќе од 11 поени за шест месеци. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан