• петок, 05 декември 2025

Арагчи пристигна во Пакистан во обид да посредува во ескалацијата на конфликтот со Индија

Арагчи пристигна во Пакистан во обид да посредува во ескалацијата на конфликтот со Индија

Исламабад, 5 мај 2025 (МИА) – Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска пристигна во Пакистан, во прва посета на странски функционер на оваа земја од ескалацијата на тензиите со Индија, по смртоносниот напад врз туристи во спорниот регион Кашмир, објави пакистанското Министерство за надворешни работи.

Американските медиуми пренесуваат дека посетата на Арагчи доаѓа само неколку дена откако Техеран понуди да помогне во намалување на тензиите меѓу двете соседни земји, кои поседуваат нуклеарно оружје.

По слетувањето на аеродромот во близина на Исламабад, Арагчи беше пречекан од високи пакистански функционери, а како што беше најавено, ќе се сретне со својот пакистански колега Ишак Дар, како и со претседателот на земјата Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф, објави пакистанското Министерство.

Пакистанските вооружени сили се во состојба на висока готовност од минатата недела, откако министерот за информации и радиодифузија Аталах Тарар изјави дека Исламабад има сигурни разузнавачки информации дека Индија може да го нападне Пакистан како одговор на нападот од 22 април во туристичкиот град Пахалгам, во кој загинаа 26 туристи, претежно Хиндуси, во индискиот дел на Кашмир.

Пакистан негираше каква било улога во терористичкиот напад и понуди да се спроведе веродостојна меѓународна истрага.

Њу Делхи досега не ја прифати понудата, а неколку светски лидери, вклучително и претставници од САД, ги повикаа двете страни да покажат воздржаност и да избегнат понатамошна ескалација.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, вчера за време на телефонски разговор со својот пакистански колега Мухамед Ишак Дар, ја потврди подготвеноста на Русија да помогне во решавањето на ситуацијата меѓу Индија и Пакистан, беше објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Кашмир е поделен меѓу Индија и Пакистан и двете земји порагаат право на него во целост, а двете земји досега водеа две од трите војни за овој хималајски регион. сд/

фото: МИА архиба

Остани поврзан