• петок, 22 ноември 2024

Повик за аплицирање за субвенции за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци

Повик за аплицирање за субвенции за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Преку новиот модел за субвенционирање земјоделците добиваат побрз и поефикасен модел за субвенционирање, а за 30 отсто се зголемени субвенциите за репродуктивен добиток, информираат од  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во таа насока, МЗШВ ги повикува земјоделците навремено да аплицираат за директните плаќања од програмата за 2023 година, за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци. Крајниот рок на аплицирање за оваа подмерка е до 30 јуни 2023 година.

-Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои одгледуваат говеда и истите ги имаат обележано и евидентирано во Регистарот на одгледувалишта на говеда, а ги чуваат најмалку до 30 ноември 2023 година, се наведува во соопштението од Министерството.

Висината на директните плаќања кај оваа подмерка, како што се посочува во соопштението, изнесува 1.400 денари по женско грло кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.

-Дополнителна субвенција за оваа подмерка добиваат земјодлеските стопанства кои имаат минимум 30 грла говеда обележани и евидентирани во Регистарот на одгледувалишта на говеда и воедно не се корисници на директните плаќања од подмерката 2.3. од Уредбата за поблисските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максимланите износи и начинот на директните плаќања за 2023 година. Висината на дополнителната субвенција изнесува 1.500 денари и истата се исплаќа за женско грло говедо кое е на возраст од 12 до 24 месеци на 30 ноември 2023 година, се наведува во соопштението од МЗШВ. 

Од Министерството потсетуваат дека крајниот рок за поднесување на апликации за субвенции за 2023 година за растително и сточарско производство е до 30 јуни 2023 година. Земјоделците барањата можат да ги достават секој работен ден во канцелариите на подрачните единици на МЗШВ или преку електронски преку веб страната на Платежната Агенција. дма/нд/

Фото:  МЗШВ

 

Остани поврзан