• понеделник, 04 ноември 2024

Ентoни Блинкен: Синвар е клучен за примирјето во Газа

Ентoни Блинкен: Синвар е клучен за примирјето во Газа

Вашингтон, 7 август 2024 (МИА) - Новиот лидер на Хамас Јахја Синвар останува клучен фактор за склучување примирје во Појасот Газа, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

- Преговорите за ослободување на заложниците во Газа се во завршна фаза, и од клучно значење е засегнатите страни да работат на завршување на договорот што е можно побрзо, изјави Блинкен по синоќешната средба со американскиот министер за одбрана Лојд Остин и нивните австралиски колеги во Анаполис, Мериленд.

Блинкен и Остин разговараа со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг и министерот за одбрана и вицепремиер на земјата Ричард Марлс во комплексот на американската поморска академија.

Радикалното палестинско движење „Хамас“ синоќа соопшти дека Синвар, кој е водач на групата во Појасот Газа, е именуван за шеф на целата организација на местото на Исмаил Ханија, кој беше убиен минатата недела во иранската престолнина Техеран.

- Ги контактиравме Израел и Иран директно за прашањето дека никој не треба да ја подига тензијата на Блискиот Исток. Сите во регионот мора да разберат дека понатамошните напади само ќе го продлабочат конфликтот, нестабилноста и неизвесноста за сите, рече првиот американски дипломат.

- Од исклучителна важност е сите страни да работат на финализирање на договорот што е можно поскоро, рече тој, истакнувајќи дека американскиот претседател Џо Бајден претходно истиот ден разговарал со катарскиот Амир Шеик Тамим Бин Хамад ал Тани и египетскиот претседател Фатах Ел-Сиси. Двете земји беа главните посредници за постигнување договор.

- Постои договор за рамката. Она на што работевме во последните неколку недели се важни детали за тоа како всушност ќе се спроведува, рече Блинкен. „Имаше некои работи за кои требаше да се преговара во тој процес“ и работата на тоа продолжи во последните недели.
„Ова е навистина време за сите вклучени страни да го затворат ова прашање“, рече Блинкен. Не треба да има одложувања. Нема оправдувања. Нема причини зошто не можеме да направиме нешто“, истакна шефот на американската дипломатија и  ги повика Израел и Хамас „да се фокусираат на тоа да стигнат до „да“. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан