• петок, 05 декември 2025

Ансамблот „Македонија“ одржа концерт во Делчево

Ансамблот „Македонија“ одржа концерт во Делчево

Делчево, 29 октомври 2025 (МИА) – Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево вечерва беше домаќин на Националната установа Ансамбл Македонија, кој пред делчевската публика приреди концерт посветен на градската традиција.

Ансамблот Македонија, препознатлив по неговото негување на традиционалната македонска песна и оро, го донесе својот препознатлив сценски израз и висок професионализам пред преполната сала во Делчево. Настапот, кој е дел од националната турнеја на ансамблот, претставуваше комбинација на музика, песна и игра инспирирани од градската култура на Македонија.

Директорот на Центарот за култура, Златко Начовски, истакна дека Делчево со задоволство повторно го пречекува ансамблот.

- Се надевам дека соработката со Ансамблот Македонија ќе продолжи и во иднина. Крајот на концертот најдобро покажа колку публиката беше воодушевена - долгите аплаузи и бурната реакција зборуваат сè, рече Начовски.

Свој осврт на настанот даде и проф. д-р Владимир Јаневски од Одделот за етнокореологија на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој нагласи дека публиката и уметниците заедно создадоа вистинска уметничка вечер.

-Како што можевме да видиме, Ансамблот е веќе мошне уигран, со богато искуство стекнато од бројните концерти што ги одржуваат во рамки на нивната турнеја низ државата. Публиката вечерва навистина уживаше, а уметниците ѝ возвратија со срце. Голема благодарност до сите што придонесоа оваа вечер да биде успешна и значајна, рече Јаневски.

Доцентот Христијан Николовски, уметник во Ансамблот Македонија и предавач на Музичката академија при УГД – Штип, додаде дека концертот во Делчево бил посебен за него, бидејќи е негов роден град.

Им благодарам на публиката за прекрасната реакција, на директорот на Центарот за култура и на нашиот студент Кристијан Тајановски, кои овозможија и Делчево да биде дел од серијалот настапи на Ансамблот Македонија. Особено ми е чест што еден од завршните концерти оваа година се одржа токму тука, рече Николовски.

Настанот претстави репертоар посветен на градската култура, со градски носии, ора и игри од различни краеви на Македонија, што публиката го прифати со големо воодушевување. вс/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан