• понеделник, 23 декември 2024

Анкета на „Детектор“: „Двојка“ од граѓаните за јавното здравство

Анкета на „Детектор“: „Двојка“ од граѓаните за јавното здравство

Скопје, 12 март 2023 (МИА) - Силна двојка или 2,36 е средната оценка што на скала од 1 до 5, граѓаните ја дадоа за квалитетот на јавното здравство, покажува најновото истражување на јавното мислење, што за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето, 29,9 отсто од анкетираните му дале единица на јавното здравство, оценувајќи го квалитетот како многу лош. Двојка дале 24,8 проценти од анкетираните, а тројка 26,3 отсто. Јавното здравство четвртка добило од 8,9 проценти од анкетираните, а само 3,3 отсто го оцениле квалитетот на јавното здравство со петка.

Интересен е податокот дека како многу лош квалитетот на здравството во најголем процент го оцениле граѓаните од скопскиот регион и покрај тоа што во главниот град се наоѓаат најголемите здравствени установи.

Според истражувањето, граѓаните генерално се незадоволни од сѐ во јавното здравство.

Ваков став делат 26,2 отсто. На 21,1 отсто, најмногу им пречи процесот на закажување и времето за чекање за преглед. Од лекарите не се задоволни 14,9, а 8,2 отсто од инфраструктурата. Најмало незадоволство, граѓаните искажале за медицинските сестри.

- Во споредба со анкетата што ИПИС ја спроведе за „Детектор“ во 2019 година, граѓаните рефлектираат уште поголемо незадоволство, имајќи предвид дека општото незадоволство од јавното здравство пред четири години било 19,5 отсто, а сега е 26,2 проценти, наведуваат од „Детектор“.

Речиси половина од граѓаните сметаат дека јавното здравство било подобро пред пет години. Така, 49,7 проценти од анкетираните оцениле дека квалитетот на јавното здравство споредено со пред пет години сега е на пониско ниво, 31,8 отсто сметаат дека нема некакви промени, додека 12,4 проценти се на ставот дека денешното здравство е подобро од она пред пет години.

Анкетата покажува дека 22,7 проценти од граѓаните одат на лекар почесто во приватни здравствени установи бидејќи се незадоволни од јавното здравство. Над две третини од граѓаните или 69,8 отсто се лечат исклучиво во јавното здравство.

Во однос на снабденоста со лекови, близу две третини од анкетираните или 62,3 отсто велат дека немаат проблем, односно дека аптеките се добро снабдени во текот на целиот месец и оти немаат проблем да набават лек на рецепт. Во спротивното се уверени 30,5 проценти од граѓаните.

Близу три четвртини од анкетираните граѓани или точно 73,9 отсто сметаат дека во моментов, земјава не ги исполнува стандардите и препораките на Европската Унија во однос на квалитетот на здравството. Спротивен став имаат 17,3 проценти од граѓаните. Споредбата со истражувањето во 2019 година укажува дека расте бројот на граѓани кои сметаа дека македонското здравство ги задоволува критериумите на Европската унија. Така, Бројот на граѓани кои сметаат дека здравството ни е далеку од Европската Унија, од 57,6 отсто во 2019, скокнал на 73,9 проценти во најновото истражување.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје, е спроведена во периодот од 28 февруари до 3 март годинава врз репрезентативен примерок од 1.107 испитаници. бд/бак/

ФОТО: Принтскрин/соопштение

Остани поврзан