• петок, 22 ноември 2024

Анкета: Макрон и Ле Пен пред другите кандидати за претседателски избори во Франција

Анкета: Макрон и Ле Пен пред другите кандидати за претседателски избори во Франција

Париз, 4 октомври 2020 (МИА) – Шефот на француската држава Емануел Макрон и претседателката на Националниот собир Марин Ле Пен би биле далеку пред сите други кандидати, доколку гласањето за претседател на Франција се одржи набрзо, јави дописникот на МИА од Париз.

Емануел Макрон и Марин Ле Пен би биле рамо до рамо во првиот круг од претседателските избори, далеку пред сите други кандидати, ако гласањето се одржи во недела, според анкетата на Ифоп-Фидуцијал.

Ова истражување направено и објавено денеска за Журнал ди Диманш  и Суд Радио му дава на Емануел Макрон помеѓу 23 и 26 отсто од намерите на гласачите во првиот круг, во зависност од различните потенцијални кандидати од десницата и левицата.  

Марин Ле Пен е кредитирана  помеѓу 24 и 27 од намерите на гласачите, повторно во зависност од различните хипотези на кандидатите од десницата и левицата.

Во 2017 година, Емануел Макрон собра 24 отсто од гласовите во првиот круг, наспроти 21,3 за Марин Ле Пен. Тој победи во вториот круг со 66,1 отсто наспроти 33,9 отсто за претседателката на Националниот собир.

На помалку од две години од претседателските избори, двојката Макрон / Ле Пен продолжува да доминира во односот на силите и ја остава конкуренцијата далеку зад себе.

Кај десницата, кандидатурата на Ксавиер Бертранд би добила 16 отсто од гласовите, пред Франсоа Бароин (14 отсто), Валери Пекресе (11 отсто), Бруно Ретајо (8 отсто) и Рашида Дати (8 отсто).

Кај левицата, кандидатурата на Ан Идалго би добила 9 отсто од гласовите, пред Франсоа Оланд (7 отсто) и Сеголен Ројал (5 отсто) во случај ако Жан-Лук Меленшон (Непокорна Франција 11 отсто) и Јаник Жадот (Зелени, 6 отсто) се кандидати.

Во случај на единствена кандидатура на левицата, Жан-Лук Меленшон би добил 15 отсто од гласовите, пред Ан Идалго и Јаник Жадот (двајцата 13 отсто).

Ова испитување покажува дека и покрај непопуларноста на Емануел Макрон, левицата и десницата се уште немаат најдено лидер кој може да ги поведе повторно да имаат свој станар во Елисејската палата. тг/

Остани поврзан