• недела, 22 декември 2024

Анкета: Во Германија зголемен бројот на луѓе со екстремно десничарски ставови

Анкета: Во Германија зголемен бројот на луѓе со екстремно десничарски ставови

Берлин, 22 септември 2023 (МИА) - Во Германија од 2021 година бројот на луѓе со екстремно десничарски ставови нагло пораснал, покажуваат резултатите од новата студија, објавена од германската агенција ДПА.

Сега секој дванаесетти возрасен има крајно десни гледишта, според истражувачите од Универзитетот во Билефелд.

Со 8,3 отсто, тој процент значително порасна од околу два до три проценти во претходните години.

Поголем е и бројот на испитаниците кои се гледаат десно од центарот, 15,5 отсто. Во претходната анкета тие беа нешто помалку од 10 проценти.

Студиите за екстремно десничарските ставови во општеството се нарачуваат на секои две години од Фондацијата Фридрих Еберт, која е блиска до Социјалдемократската партија на Германија.

Авторите, предводени од Андреас Зик, ја дефинираат централната карактеристика на десничарскиот екстремизам како „идеологија на нееднаквост и насилство или одобрување на насилството за спроведување на идеологијата“.

Во споредба со претходните години, значително повеќе испитаници изјавиле дека слободата на изразување е ограничена во Германија. Има и повеќе луѓе кои се „за зачувување на етничката чистота, различните народи да не се мешаат едни со други“, пренесува ДПА.

Во телефонската анкета на Институтот УАДС од 2 јануари до крајот на февруари учествувале 2.027 лица. Врз основа на вкупниот примерок, маргината на грешка е 2,2 отсто.

Речиси една третина, 30 отсто од испитаниците, се согласуваат со изјавата „владејачките партии го мамат народот“, речиси двојно повеќе од пред две години. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан