• сабота, 23 ноември 2024

Андрија Мандиќ избран за претседател на црногорското Собрание

Андрија Мандиќ избран за претседател на црногорското Собрание

Подгорица, 30 октомври 2023 (МИА) - Лидерот на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Андрија Мандиќ е избран за претседател на црногорскиот Парламент, јави МИНА.

На тајното гласање за избор на Мандиќ гласаа 49 пратеници, а немаше гласови против.

На гласањето не присуствуваа пратениците од Демократската партија на социјалистите, Бошњачката партија, Социјалдемократите, Либералната партија, Демократскиот сојуз на Албанците, Хрватската граѓанска иницијатива и Граѓанското движење УРА.

Мандиќ по дискусијата на седницата на Собранието рече дека неговата мисија е да ја помири Црна Гора.

-Ова е најдолга дискусија за кандидат за претседател на Собранието и не се сеќавам во овој парламент да се упатени толку навреди кон некој поединец, а не пак кон пратеник кој има најголемо искуство, рече Мандиќ.

Според договорот што претходно го потпишаа конституентите на новата влада , функцијата претседател на Собранието и припадна на коалицијата „За иднината на Црна Гора“.

Коалицијата за иднината на Црна Гора, пак, вети дека ќе го поддржи изборот на владата на мандатарот Милојко Спајиќ, во која и официјално ќе влезе по реконструкцијата најавена за една годинава.

Се очекува Мандиќ по изборот за претседател за денеска да закаже нова седница на Собранието на која ќе биде избрана 44. Влада на Црна Гора. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан