• петок, 22 ноември 2024

Андреа Коевска со „CIRCLES" претставник на Евросонг 2022

Андреа Коевска со „CIRCLES
Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) - „CIRCLES" во изведба на Андреа Коевска е композицијата која ќе ја претставува Република Северна Македонија на годинашното издание на најпрестижната европска музичка манифестација „Евросонг“. Автор на музиката и аранжманот на „CIRCLES" е Александар Масевски, додека, текстот е пишуван заедно со Андреа Коевска. Откако изминатите седум години претставникот беше избиран интерно, Македонската радио телевизија - МРТ, која е организатор на Националниот избор, одлучи да го врати натпреварувачкиот карактер на изборот со што ја вклучи и публиката и ѝ даде можност за онлајн гласање. Победникот на  Националниот избор за песна на Евровизија што во мај ќе се одржи во Торино, Италија, беше добиен по пат на онлајн гласање, како и според гласањето на меѓународното стручно жири во сооднос 50:50. Во националниот избор за песна за „Евросонг 2022“ учествуваа и Калина Велковска – Кaly со „LOVE AND LIGHT“, Јон Ајдини - Yon Idy, со „DREAMS”, Лара Иванова со „FLOWER OF SORROW, Виктор Апостоловски со „SUPERMAN“ и Борис Цветановски - Ris Flower, со „FLYING TO BERLIN". Северна Македонија на 66-то издание на „Евросонг“ ќе настапи во второто полуфинале на 12-ти мај, а финалето е закажано за 14-ти мај. Манифестацијата ќе се одржи во арената „Пала Олимпико“ во Торино, откако минатата година првото место го освои италијанскиот рок-бенд „Манескин“. ар/бак/

Остани поврзан