Андоновски ја почна посетата на САД со претставници на водечки институции од областа на кибербезбедноста
- Како што информира Министерството за дигитална трансформација, на средбата се разговарало за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои вештачка интелигенција и нови технологии, со фокус на доверливост и валидација, кибербезбедност и национална киберотпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди - авијација, безбедност и здравствен систем.
Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ја почна посетата на Соединетите Американски Држави со работна средба во MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работи директно за владата на САД во областа на кибербезбедноста и управува со повеќе FFRDC-центри (Federally Funded Research and Development Centers).
Како што информира Министерството за дигитална трансформација, на средбата се разговарало за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои вештачка интелигенција и нови технологии, со фокус на доверливост и валидација, кибербезбедност и национална киберотпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди - авијација, безбедност и здравствен систем.

- Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност и како институциите може да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE - соопшти Министерството.
Во рамките на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, во која се Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, и Златко Перински, министер за локална самоуправа, оствари средба и со претставници на „Мајкрософт“, каде што со Козета Гарет, генерален директор за кибербезбедносни сервиси во оваа компанија, разговарале за актуелни предизвици и можности за унапредување на кибербезбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Македонската делегација во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата. хс/са/
Фото: Министерство за дигитална трансформација