• понеделник, 23 декември 2024

Андоновски: Основата за дигитална трансформација е институциите да комуницираат меѓу себе

Андоновски: Основата за дигитална трансформација е институциите да комуницираат меѓу себе

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) – Потребна е рационализација на трошоците, развој на јасен патоказ за дигитализација, на секоја институција, во рамки на стандарди поставени на национално ниво, интензивна дигитализација на сите регистри и нивно приклучување во единствена околина за размена на податоци, истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Посочи дека во сеопфатна владина иницијатива „Смарт Македонија“, се предвидува изработка на национална ИКТ-стратегија која ќе претставува чадор на сите владини активности и ќе е во согласност со иницијативата за дигитална трансформација на Европската комисија насловена „ЕУ дигитална декада“ или дигитални цели за 2030 година, а ќе биде и „на линија на заложбите на нашите меѓународни партнери“.

На третата сесија на Работната група 6 -  Антикорупција, на тема „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ што денеска ја одржува Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), министерот Андоновски истакна дека планираната ИКТ-стратегија треба да дефинира јасни цели, мерки и активности во секоја од четирите области групирани согласно дигиталниот компас – поврзливост, дигитални вештини, дигитализација на клучните владини услуги и дигитализација на бизнисот. 

Клучно за дигиталната трансформација, нагласи Андоновски, е институциите да комуницираат меѓу себе преку националната платформа за интероперабилност (платформа за електронска размена на податоци меѓу институции и за комуникација на институции со приватен сектор и граѓани) која, рече тој, иако е воведена во 2015 година, денес ја користат само 50 институции. Тоа, според Андоновски, е стагнација, но и полоши резултати од пред една деценија, затоа што, како што рече, стагнацијата во оваа сфера значи регрес.  

-Не можеме да зборуваме за вештачка интелигенција, за алатки за подобрување на транспарентноста, откривање потенцијални случаи на корупција, доколку над 90 проценти од институциите своите податоци ги чуваат на хартија или ги разменуваат меѓу себе на традиционален начин и не се поврзани меѓу себе во една дигитална околина... Системот постои, го има, но институциите не го употребуваат. Ова е основата за сите идни чекори, затоа што не можеме да зборуваме за поврзаност ако институциите не сакаат да разменуваат податоци преку националната платформа за интероперабилност, истакна Андоновски во воведното обраќање на сесијата на НКЕУ-МК.

Подвлече дека транспарентноста, борбата со корупцијата и дигитализацијата се приоритети коишто се меѓусебно зависни и затоа во наредниот период, рече, „мора да работиме на поврзување на Единствениот систем на јавни набавки со Регистарот на вработени во јавниот сектор, Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи, Катастарот, Централниот регистар, Регистарот на население и сите други неопходни системи“.

-Идејата е овој единствен систем автоматски да идентификува, пријавува и објавува и судир на интереси и ризици од корупција особено при јавните набавки, посочи министерот за дигитална трансформација. 

Апелираше и да се искористат огромните можности кои за граѓаните и за компаниите ги нуди владиниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk

Наместо секоја институција да има свој портал, како УЈП, Фонд за здравство, Централен регистар... или секоја општина, овој еден портал, рече Андоновски, „треба да биде унификатор на услугите на Владата/државата кон секој граѓанин“ односно „еден вид единствен унифициран едношалтерски систем,“.

На меѓународните партнери Андоновски им порача дека иако имаат добри намери со донирањето дигитални алатки во нашите институции, тоа се прават засебно и проектно и тие алатки, рече, една со друга не може да комуницираат. 

-Еден од нашите први напори е да ја унифицираме поддршката од нашите меѓународни партнери и таа да се одвива врз основа на барањата кои, пак, потоа од нас ги има Европската Унија, додаде министерот. хс/ев/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

 

Остани поврзан