• недела, 22 декември 2024

Андоновски: Корупцијата не смее да ја загрози дигиталната безбедност

Андоновски: Корупцијата не смее да ја загрози дигиталната безбедност

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Не смееме да дозволиме во трката по профит и корупцијата да го уништуваат системот, особено не во дигиталната сфера, затоа што тоа значи напади, изгубени податоци на штета за граѓаните, рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Во изјава за медиуми пред денешната конференција „Бизнис и Влада: Усогласување за сигурна дигитална иднина“ во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија, министерот Андоновски посочи дека се важни две поенти, едната е дека не смееме пред безбедноста на државата да ја ставаме корпуцијата, а втората недостигот на ИТ професионалци.

- Не само во јавниот сектор, не само во државните институции, туку сметам дека како што денеска приватните компании имаат секој од нив ангажирано сметководител или адвокат, сега секој од нив ќе мора и ќе треба да ангажира и професионалец или ИТ компанија за да може да се носи со предизвиците на новото време. И ако тоа не го направиле досега, ќе биде задолжително за да можат да се справуваат со предизвиците да го направат тоа од денеска па натаму, посочи тој.

Во врска со плановите за обезбедување на дигиталната безбедност во нашата држава, тој посочи дека развиваат четири планови од кои ги издвои изработка на Закон за сајбер безбедност и Стратегија за сајбер безбедност. 

- Првиот е изработката на Стратегија за сајбер безбедност која што ќе ни покаже како стратешки да се позиционираме во пристапот на заштита на сајбер безбедноста, што е она што ни е потребно – дали ИТ професионалци, дали ИТ опрема, дали е простор, дали е поврзување на една заедничка платформа. Вториот дел е Законот за сајбер безбедност, бидејќи сме единствена држава во поширокиот регион која што нема закон за сајбер безбедност. Трето, минимум стандарди кои превентивно институциите мора да го имаат кај себе за да гарантираат дека нивните системи се доволно заштитени. И четврто, она што ќе го развиваме со нашите партнери од УСАИД, а тоа е план за реакција во момент на инцидент и план за мониторирање дали станува збор за помал посериозен или многу сериозен инцидент и од тоа ќе зависи на кој начин ќе се однесуваат институциите, образложи министерот.

Дополни дека секогаш недостига кадар во поглед на сајбер безбедноста. 

- Законот за сајбер безбедност треба да визионира или уредува како да го мотивираме кадарот којшто работи во поглед на сајбер безбедноста во државниот сектор, да остане во државниот сектор, да напредува да се гради и да помага за навистина отворен дигитален систем, потенцираше тој. ар/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан