• недела, 22 декември 2024

Средба Ангеловска-Бежоска – Гир: Членството во СЕПА еден од приоритетите на ЕУ за побрза интеграција на Западен Балкан

Средба Ангеловска-Бежоска – Гир: Членството во СЕПА еден од приоритетите на ЕУ за побрза интеграција на Западен Балкан

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) -  Членството во СЕПА е еден од приоритетите на Европската унија за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан, констатирале гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска со амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Како што соопшти денеска Народната банка, амбасадорот Гир ги поздравил напорите на Народната банка за поднесување на барањето за членството во СЕПА коешто е еден од седумте приоритети за зајакнување на економско интегрирање согласно Планот на Европската комисија за раст и побрза интеграција на регионот на Западен Балкан.

-Поднесувањето на апликацијата за пристапување кон Единствената област за плаќање со евра СЕПА е историски значаен чекор што ќе ни овозможи пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тоа и пред земјава да биде членка на ЕУ, оцениле Ангеловска-Бежоска и Гир.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска потенцирала дека придобивките за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи и ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Таа посочила дека земјава очекува позитивна одлука од Европскиот Совет за плаќања, по што би се случило ефективното пристапување со вклучување на домашните даватели на платежни услуги во платните системи во СЕПА.

На средбата било разговарано и за повеќе актуелни прашања во делот на макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби, како и состојбите во банкарскиот сектор. дма/бак/

Фото: Народна банка

Остани поврзан