• вторник, 24 декември 2024

Ангеловска-Бежоска на ЦЕФ, Словенија: Напредокот што го направивме пред кризата ни помага во носењето на монетарните одлуки

Ангеловска-Бежоска на ЦЕФ, Словенија: Напредокот што го направивме пред кризата ни помага во носењето на монетарните одлуки
Скопје, 17 декември 2020 (МИА) - Предизвиците што корона-кризата ги наметна на повеќе полиња и за јавниот и за приватниот сектор, како и просторот за соработка помеѓу нив за полесно справување со последиците од кризата, но и ползување на можностите коишто ги носи таа, беа тема на разговор на панел дискусијата на која учествуваше гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, а во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) од Љубљана, на тема „Навигација кон новата нормална економија“. Ангеловска-Бежоска, на почетокот на дискусијата, се осврна на специфичноста на оваа криза, вклучително и на потребата од исклучително брзо делување и носење одлуки коишто ќе се засноваат на чести, брзи и грануларни податоци. Притоа, таа укажа на неколку фактори коишто во изминатиот период го поддржаа процесот на носење одлуки. Прво, таа ја посочи зајакнатата координација на монетарната и фискалната политика, што е особено важно за оптимална комбинација на олабавени политики за поддршка на реалната економија, без притоа да се загрози стабилноста на фиксниот девизен курс. Понатаму, посебно ги истакна расположливите податоци за носење соодветни одлуки. - Во изминатата деценија, глобалната финансиска криза делуваше како катализатор за збогатување на грануларните сетови податоци особено за финансискиот сектор, коишто беа клучни за согледување на предупредувачките знаци во рана фаза и преземање соодветни мерки. Нашите напори пред кризата за постојано збогатување на расположливите податоци и за усогласување со највисоките статистички стандарди значително придонесоа за олеснување на одлучувањето за монетарната политика. Потврда за напредокот е членството во највисокиот глобален статистички стандард СДДС плус во 2019 година, рече Ангеловска-Бежоска, се вели во соопштението од Нардона банка. Понатаму, се разговарало за последиците од пандемијата врз работната околина, начинот на работа и справувањето со секојдневните предизвици. - Во овие рамки, гувернерката се осврна на значењето на лидерството во услови на криза и на потребата за мотивација на вработените, особено во услови на криза којашто делува врз сите аспекти на нашето живеење и работење. „Општо земено, се обидуваме да го нагласиме принципот на „луѓето пред сѐ“, бидејќи сметаме дека тоа е клучот не само за справување со пандемијата, туку што е поважно, за излегувањето од неа посилни и поотпорни. Поставувањето на здравјето како приоритет опфаќа покажување емпатија и целосно препознавање и прифаќање на специфичните услови, наведе Ангеловска-Бежоска. Во исто време, посочи таа, продолжуваме со редовната секојдневна работа, обезбедувањето непрекинатост на процесите, со повеќето развојни проекти и непрестајното справување со предизвиците што ги постави пандемијата на ковид-19 пред нас за време на нашите мандати. - Се надевам дека со ваков однос ќе успееме да внесеме рамнотежа и да им пружиме поддршка на вработените во овие исклучително тешки моменти на закана за нашата благосостојба, наведе Ангеловска-Бежоска, се вели во соопштението од Народна банка. аа/ац/ https://youtu.be/wtuusd84l-8?t=2738

Остани поврзан