• сабота, 14 декември 2024

Ангеловска-Бежоска на конференција во Тирана: Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција

Ангеловска-Бежоска на конференција во Тирана: Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем, истакнала гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот што се одржа во Тирана во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија.

На панел дискусијата присуствувал и вицегувернерот Фадил Бајрами, како и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора. Панел дискусијата ја водел Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.

- Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42 проценти од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање, се наведува во соопштението од Народната банка. 

Според гувернерката, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справил со претходните шокови и успеал да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата.

- Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите, истакнала гувернерката Ангеловска-Бежоска. бак/са/

Фото: Народна банка

Остани поврзан