• четврток, 19 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Народната банка ќе започне активности за поддршка на „зелените финансии“ и се фокусира на поддршка на финтек-секторот

Ангеловска-Бежоска: Народната банка ќе започне активности за поддршка на „зелените финансии“ и се фокусира на поддршка на финтек-секторот
Скопје, 15 февруари 2021 (МИА) - Предвидовме започнување активности со кои ќе им се овозможи поддршка на „зелените финансии“ во рамките на остварувањето на нашите основни цели. За таа цел, се планира поттикнување и развој на истражувачката активност во областа на „зелените финансии“, како сфера којашто треба да се вгради во приоритетите на секоја општествено одговорна институција, а заради придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за граѓаните. Ова, како што соопшти Народната банка, го истакнала гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за порталот „Банкарство.мк“. Во интервјуто, гувернерката посочува дека климатските промени, како една од најголемите глобални закани, добиваат се поголемо значење и во активностите на централните банки, при што тие, во последните години, се повеќе го анализираат влијанието на климатските промени врз финансиската стабилност и монетарната политика. Токму од оваа причина, како што истакнува Ангеловска-Бежоска, кон крајот на минатата година Народната банка го дополни својот Стратегиски план со вклучување активности за следење и управување со ризиците од климатските промени, како и анализа на можното влијание од климатските промени врз банкарскиот систем. Ангеловска-Бежоска се осврнува и на другите развојни проекти коишто Народната банка планира да ги оствари оваа година, како дел програмските активности. -Меѓу другото, особено ќе се фокусираме на поддршката на развојот на финтек-секторот, на што нѐ упатуваат резултатите од спроведената анкета со поддршка од ЕФСЕ. Најголемиот дел од испитаниците сметаат дека: финтек-секторот може да обезбеди поголем пристап до поширока палета финансиски услуги, пред сѐ за потрошувачите и малите бизниси; има потенцијал за зголемување на финансиската инклузија, а преку тоа и економскиот раст; а може да придонесе и за усогласување на финансискиот систем со најдобрите меѓународни практики. Ова е дополнителен показател дека е особено важно да продолжиме засилено со вложувањето во оваа сфера и за таа цел ќе се работи на изготвување Стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот, посочува гувернерката. Минатата година, означена од пандемијата, го стави на „брза лента“ процесот на дигитализација на економиите и на целото општество, кон што треба соодветно да се приспособуваме. Следствено, заради следење на новините и размена на искуства во областа на дигитализацијата, претставници на Народната банка се вклучија во работата на Иновациската мрежа (англ. Innovation Hub) на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), каде што се разгледуваат клучни прашања за иднината на финансискиот свет. Како што е нагласува гувернерката во интервјуто, друга значајна област на која Народната банка ќе ѝ даде посебно значење во следниот период е финансиската едукација и финансиската инклузија. Во интервјуто, Ангеловска-Бежоска се осврнува и на очекувањата за трендовите во банкарскиот сектор во 2021 година, како и во сферата на банкарската регулатива. Како што посочува, по донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, ќе се спроведуваат и проекти за измени или донесување соодветна подзаконска регулатива во доменот на платежните услуги и платните системи што е во надлежност на централната банка. сст/дма/            

Остани поврзан