• недела, 22 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Менувачниците кои шпекулираа на штета на граѓаните, ќе бидат санкционирани, а на две ќе им биде одземена дозволата

Ангеловска-Бежоска: Менувачниците кои шпекулираа на штета на граѓаните, ќе бидат санкционирани, а на две ќе им биде одземена дозволата

Скопје, 8 април 2022 (МИА) - На две менувачници ќе им биде одземена лиценцата, а оние менувачници кои ја прекршиле регулативата, ќе бидат санкционирани со парични казни, изјави вечерва гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

На гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, гувернерката посочи дека е извршена контрола кај 64 менувачници и дека кај една четвртина од нив се забележани законски неусогласености во работењето.

- Во тек е правна процедура, се составуваат записници, право на приговори. По финализирање на записниците ќе следи прекршочна постапка, а во два случаи ќе следи и одземање на дозвола. Контролите продолжуваат и понатаму. Нема да дозволиме било какви шпекулации во овој сегмент, затоа што имаме доволно ниво на девизни резeрви, самите банки имаат девизен потенцијал, впрочем и тие ги вршат менувачките работи како и менувачниците, така што граѓаните во секој момент можат да купат од банките, рече гувернерката на Народната банка.

Ангеловска-Бежоска посочи дека засилените контроли се преземени во насока на заштита на граѓаните, во време кога се забележуваат засилени шпекулации. Освен засилените контроли, таа потсети и дека Народната банка донесе мерка со која им се дозволува на менувачниците доколку немаат евра, да набават од страна на банките.   

-Донесовме измена на еден подзаконски акт. Целта беше да се овозможи доколку инцидентно се случи одреден менувач да нема доволно девизи во текот на денот, да може да купи девизи од банките. Досега тоа не беше овозможено, а причината зошто досега во историјата тоа не било овозможено е затоа што менувачниците секогаш на нето основа имаат вишок на девизи. Тие продаваат и купуваат на граѓаните, но купуваат многу повеќе од тоа што продаваат и потоа тој вишок им го продаваат на банките. Дури ако ги погледнеме податоците во март, кога беше изразен овој притисок на агрегатно ниво на менувачкиот пазар има вишок на девизи и тоа тој вишок на девизи е повисок за 17 проценти во однос на минатата година, посочи Ангеловска-Бежоска.

Повика на општествена одговорност и да не се шпекулира, особено со стабилноста на денарот, бидејќи стабилноста на денарот значи и макроекономска стабилност и не е во ничиј интерес таа да се наруши. 

-Граѓаните не треба да стравуваат - денарот и е ќе остане стабилен. Народната банка води политика на стабилен курс на денарот во однос на еврото и има капацитет и соодветен инструментариум, да го одбрани курсот, како што впрочем тоа го правеше и низ годините, порача гувернерката на централната банка. бак/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан