• вторник, 24 декември 2024

Ангеловска-Бежоска - Памер: Народната банка во чекор со европските стандарди и практики

Ангеловска-Бежоска - Памер: Народната банка во чекор со европските стандарди и практики

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Народната банка постојано работи на усвојување и спроведување на најдобрите практики и стандарди коишто се повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки. Таа непрекинато го зајакнува институционалниот и аналитичкиот капацитет за поуспешно справување со предизвиците во следните фази на евроинтеграцискиот процес. Овие активности се одвиваат и преку активно учество на Народната банка во програма финансирана од ЕУ за понатамошна поддршка на централните банки и банкарските супервизорски агенции од Западен Балкан, било истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.

На средбата, како што информираат од Народната банка, се разговарало и за засилените активности преземени од Банката во изминатите неколку години, за усогласувањето на домашната правна рамка во платежната сфера со правото на Европската Унија, коишто создале основа во периодот што следи централната банка и формално да го започне процесот за интеграција на земјата во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

- Ова претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор. Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и за целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите, истакнала Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката и австрискиот амбасадор Памер оцениле дека од особено значење е соработката меѓу Народната банка и централната банка на Австрија што се одвива во рамки на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ.

Во изминатиот период преку проектот, експертите од Австриската централна банка ги споделиле своите знаења во областа на управувањето со податоците со дел од вработените од Дирекцијата за статистика и Секторот за информатичка технологија во Народната банка, што придонело кон зајакнување на институционалниот капацитет и ќе биде корисна насока во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка. сст/бак/

Фото: Народна банка

 

 

Остани поврзан