• недела, 22 декември 2024

Ангеловска-Бежоска:Квалитетните и јавно достапни статистички податоци се предуслов за економски напредок и алатка во битката со дезинформациите

Ангеловска-Бежоска:Квалитетните и јавно достапни статистички податоци се предуслов за економски напредок и алатка во битката со дезинформациите

Скопје, 11 септември 2024 

„Народната банка обезбедува квалитетни, детални и навремени податоци коишто веродостојно и објективно ги преставуваат финансиските и макроекономските состојби и трендови во економијата. Добрата статистика е предуслов за донесување одлуки и политики засновани на докази, вклучително и за централната банка во водењето ефективна монетарна и финансиска политика, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста, а со тоа и на довербата во Народната банка. Како што еволуираат економиите, мора да еволуираат и статистиките, оттука унапредувањето на статистиките е постојан процес“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на Националната конвенција за Европската Унија во нашата земја (НКЕУ-МК), којашто ја одржа четвртата сесија од Работната група 6, за поглавјата 5 − Јавни набавки, 18 − Статистика и 32 − Финансиска контрола.

„Анкетата за корисниците спроведена од Народната банка покажа дека 86% од корисниците на статистичките податоци покажуваат висок степен на задоволство од квалитетот на податоците коишто ги произведува централната банка, додека 78% сметаат дека статистичките соопштенија им се секогаш, односно најчесто корисни и им помагаат во толкувањето на податоците и анализата на позначајните движења во статистиките“, истакна Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека основната водилка на Народната банка е примената на најдобрите светски практики во областа на статистиката и високото ниво на усогласеност со најновите меѓународни и европски барања. Во 2019 година, Народната банка, со нашиот статистички систем го исполни највисокиот стандард на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) − СДДС плус, како втора централна банка од земјите во Југоисточна Европа и прва од земјите во регионот на Западен Балкан, што е потврда за почитувањето на најдобрите стандарди за квалитет, интегритет и транспарентност.

„Народната банка успешно го заокружи пристапувањето кон стандардот за дисеминација на податоци на ММФ − СДДС плус, што е едно од најголемите статистички достигнувања, што наметнува обврска за редовно и навремено доставување детални статистички податоци, со квалитет и во обем коишто може да ги следат само земјите со високоразвиени системи на производство на статистички податоци. Ова е особено значајно за согледувањата кај домашните и странските инвеститори, агенциите за кредитен рејтинг (цената на задолжувањата на меѓународните финансиски пазари), меѓународните и европските институции“, порача Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека Народната банка веднаш им одговори и на новите меѓународни статистички барања, коишто произлегоа по корона-кризата и последователните шокови, со објавување прегледи за зелените показатели коишто опфаќаат податоци за животната средина и енергијата, климатските ризици и зелените финансии. Веќе две години се објавуваат податоци за плаќањата според родовата и возрасната структура на населението, придонесувајќи кон финансиската вклученост на жените, а постојано работи и на подобрувањето на транспарентноста, со што се зајакна довербата во централната банка и во најтешките кризни моменти.

На сесијата, покрај гувернерката се обратија и националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, понатаму Гонце Јаковлевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка, в.д. директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, како и Емилија Сичикова-Беблава, директорка на Институтот за јавни политики на Факултетот за социјални и економски науки при Универзитетот „Коменски“ во Братислава и Мојмир Мрак, професор и раководител на катедрата Жан Моне на Академската единица за пари и финансии при Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

Народна банка

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Народна банка 

 

Остани поврзан