• недела, 22 декември 2024

Анастасов за МИА: Заедно со граѓаните на Пробиштип нема да дозволиме да се отвори новиот рудник за злато „Плавица-Црн Врв“

Анастасов за МИА: Заедно со граѓаните на Пробиштип нема да дозволиме да се отвори новиот рудник за злато „Плавица-Црн Врв“

Штип, 17 јуни 2023 (МИА) - Граѓаните, еколошките активисти и локалната власт на Пробиштип се единствени и испраќаат порака дека се против отворањето нов рудник за злато „Плавица-Црн Врв“, кој ќе се протега на територија на Пробиштип и Кратово. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов во видео интервју во прес-центарот на МИА во Штип, вели дека доколку се отвори и овој рудник, тоа ќе значи дека во нивната општината ќе имаат шестти стопански објект од тешката индустрија, а новото хидројаловиште ќе биде само на неколку километри од градот.

- Јас сум свесен дека Пробиштип е рударска Општина и ние сме познати по рударството. Но, сметам дека треба да се почека и доколку се отвори некогаш „Плавица“, веројатно и самите технологии и начин на работа ќе биде со помал процент на загадување. Нека се почека, кога ќе кажат имаме јасни информации дека експлоатацијата е при крај во самиот олово-цинков рудник, ќе оставиме простор нека продолжи Пробиштип по патот на рударството, но нека имаат можност и новите генерации кои излегуваат, да егзистираат во Пробиштип, вели Анастасов.

Во видео интервјуто говори дека на повидок е решението и за старото хидројаловиште, старо рударско езеро, во кое се депонирал отпадот од прераработката на олово-цинковата руда од рудникот „Добрево“, а сега е една од најжешките еколошки точки во земјава, ги загадува воздухот, почвата и подземените води.

Според експертите санацијата и поставување на фотоволтаици ќе чини над 3,5 милиони евра. Рударскиот град Пробиштип пред шест години од презадолжена Општина, сега е ликвидна. Платени се сите долгови.

-Полека чекор по чекор, преземавме чекори да ја раздолжиме Општина Пробиштип. Успеавме на крај на првиот мандат да Општина Пробиштип биде без долгови, односно да биде ликвидна општина и со креирање на реални развојни буџети. Она кое што е многу важно за Општина Пробиштип сакам да го потенцирам дека ние како Општина, како ретко која од година во година сме со се поголем буџет, вели Анастасов.

Тој говори и за белата чума на истокот и какви чекори се преземаат од нив како Општина да се намали иселувањето од селата и градот.

Во продолжение следува целото интервјуто со градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов со видео материјал:

Господине Анастасов, вашата Општина беше презадолжена. Успеавте да ја вратите во живот, односно вашата Општина стана ликвидна. Ова ви е втор мандат. Како успеавте? Дали се откажавте од одредени проекти?

- Општина Пробиштип, како што споменавте, беше најзадолжена општина на истокот во 2017 година или првиот буџет што го креирав јас со моите соработници за 2018 година, тогаш должевме оклу три милиони евра вкупно или два реални буџети за Општина Пробиштип со оглед на реализацијата што ја имаше во изминатите години. Во 2018 година многу јасно изградивме став дека ќе работиме само за приоритети за првата година и дека мораме да враќаме долгови. Немавме интерес кај самите економски оператори и ако спроведувавме јавни набавки немаше кој да се јави, бидејќи ја знаеа финансиската ситуација на општината. Полека чекор по чекор, преземавме чекори да ја раздолжиме Општина Пробиштип. Успеавме на крај на првиот мандат Општина Пробиштип да биде без долгови, односно да биде ликвидна и со креирање на реални развојни буџети. Она што е многу важно за Општина Пробиштип, сакам да го потенцирам дека ние како Општина, како ретко која, од година во година сме со се поголем буџет, но зборувам реален, бидејќи Пробиштип минатата година заврши со реализација од 89 проценти буџет или во бројки од над 140 милиони денари. Оваа година имаме три милиони евра основен буџет на реална основа. За поголем дел од работите средствата се веќе обезбедени и јас се надевам првпат во историјата на Пробиштип дека ќе имаме реализација над 90 проценти или најголем реализиран буџет. Многу труд се вложи за сите овие постапки. Единаесет пати во изминатиот период бевме блокирани, во првиот мандат или во првите две години, единаесет пати деблокиравме, но не дозволивме да бидеме Општина, која што ќе работи со лимит и ќе ни се трупаат каматите. Не ни беше лесно, кога граѓаните бараа она кое што е ветено да го реализираме веднаш во првата година, но со разговори со нив, баравме разбирање дека ние како Општина нема да кренеме бело знаме, нема да се откажеме. Затоа зборувам дека бараше многу време, многу жртва, многу посветеност за да успееме и тоа да не биде на штета на проектите, туку работевме постојано на изработка на проекти. Сметам дека за една општина да биде успешна клучот е токму во изготвувањето на проектната документација. Општина Пробиштип ќе кажам дека е една од ретките која најголем дел од програмите реализираше по пат на донација. Дали биле тоа амбасади, фондации, министерства, Центарот за развојот на источно-планскиот регион итн., најголем дел реализиравме во проекти по пат на донација. Околу три милиони споменав долг целосно разложен, имаме ануитети од кредити од претходното раководство кое што редовно ги сервисирам, тоа ни е останато. Околу 9,5 милиони евра се инвестираа на територија на Пробиштип во патна инфраструктура по пат на донација или со средства од буџетот.

Дали овде Ви помогна централната власт имајќи во предвид дека Вие сте градоначалник од редовите на СДСМ? Градоначалниците од редовите на ВМРО-ДМНЕ се жалат дека ја немаат таа толку голема поддршка.

- Јас сметам дека ако имате издржани проекти нема власт која ќе ве опструира или ќе ве кочи. Знам, првиот состанокот кога го имавме со Владата 2017 година пред проекција на буџетот беше кажано дека секоја онаа општина што ќе биде спремна со проекти дека програмите на Владата се отворени за сите општини. Јас знам дека во првиот мандат имавме колеги од ВМРО-ДПМНЕ кои беа успешни или каде што реализираа проекти од буџетски средства од државниот буџет, така што сметам дека моите колеги треба да се фокусираат на работа само на проектни документации, а средства има од каде да се обезбедат.

Според Вас, дали општините се подготвени продолжување на процесот на децентрализација?

- Децентрализацијата треба да продолжи со една сигурно посилна динамика. Пред малку како што кажав дека дел од градоначалниците знаат да се жалат, но на тој начин ќе бидат посамостојни, ќе имаат повеќе средства, бидејќи не се мали проблемите на општините и на градоначалниците во секој еден сегмент или во секое едно поле. Сметам дека треба да се зголеми процентот на поврат на ДДВ на општините, сметам дека треба да се зголеми процентот на персоналниот данок каде што општините, затоа спомнав, ќе бидат посамостојни од аспект на влијанието на централната власт или нема толку да очекуваат помош од државните програми, коишто ги спроведуваат министерствата.

Според Вас, колку е реално опстојувањето на малите рурални општини? Тие трупаат долгови.

- 2018 година е една од, ќе кажам, најодговорните реформи или Закон што го донесе тогашниот министер Драган Тевдовски, беше токму ограничувањето на буџетот. Во прв момент јас не се согласував како градоначалник. Ставот го делеа повеќемина тогаш колеги, но факт е дека таквото решение се покажа дека е многу домаќински, многу одговорно да општините проектираат реални буџети на база на она што го оствариле во последните три години и на тој начин сигурно во иднина нема да се јават општини кои се презадолжени. Затоа сметам дека во следните неколку години таквата пракса треба да продолжи, општините треба да креираат буџети на реални основи. Ние во Пробиштип имаме ситуации, со оглед на тоа што јас бев и во Совет во 2009 -2013 годин, а каде што проектиравме буџети на желби. Ќе ставиме се на хартија, ќе се изгласа буџетот од 200 милиони и на крај реализација имаш не цели 90 милиони. Пак ќе се прави ребаланс за да се покаже поголем процент на реализација. Сега последните три години, четири веќе, се проектираат реални буџети секаде и секоја онаа општина, каде што има средства или работи за поголем буџет, односно градоначалниците со своите тимови за да тие можат реално да проектираат буџет, којшто после е реално остварлив.

Младите се иселуваат од источниот регион, од Брегалничкиот регион и од градовите и од селата. Зошто? Поради тоа што нема доволно добра инфраструктура пред се во селата. Во вашата Општина сите села имаат водовод и канализација и патна инфраструктура.

- Водовот и канализација речиси сите, во патна инфраструктура годините наназад работевме да ги подобриме условите. Меѓутоа, јас ќе бидам многу отворен и ќе го кажам мојот став. Задоцнети се инвестициите во руралните средини. Ако сме сакале да ги задржиме луѓето во руралните средини во селата требало тие да бидат инвестиции пред дваесеттина години. Пробиштип е таква Општина каде што руралните средини се помали или со помал број на жители. Ние, како Општина економски ќе кажам, сме една од подобрите. Пробиштип е индустриска општина, индустриски град. Ние сме имале многу убави моменти и периоди, сме имале и тешки години кога на двапати беше затворен и рудникот и фабриката за акумулатори. Јас се сеќавам на тоа време, бидејќи потекнувам од такво семејство и затоа зборувам дека економски Пробиштип е добар. Гледам постојана комуникација со приватиот сектор, што е многу важен за една општина, меѓутоа миграцијата е проблем што го има секаде. Кај нас имаше една стагнација пред некој извесен период. Пробиштип беше една од ретките Општини каде што зимскиот распуст не се отпиша ниту едно дете од училиште. Имавме такви примери во соседни општини во Македонија. Меѓутоа, сега овој период до крајот на школската година имаме каде што се отпишуваат шест дечиња и тоа е навистина она што мене ме загрижува, не ми е убаво како градоначалник кога слушнав дека тоа семејство отишло во Словенија или отишло во Норвешка. Јас имам редовни состаноци со самите директори на основните училишта. Една од новините за којa јас се залагам како градоначалник, еве овде првпат јавно ќе ја кажам, дека оваа година Пробиштип обезбеди униформи на сите дечиња бесплатно за родителите. Mалку да им помогнеме во оваа криза околу буџетот, но и да ја намалиме онаа класна разлика, да не е важно кои се родители на тоа дете, туку дека ние како општина водиме грижа за секое дете. Инвестираме во младинските школи спортски да ги финансира Општината и да ги покрива трошоците за тренерите да е можно децата да бидат на спортските терени, родителите да не бидат изложени на трошоци и она кое што силно го работам и мислам дека ќе успееме е наредната година Пробиштип да биде општина каде што ќе има бесплатна храна за секое дете до петто одделение и бесплатна градинка. Овде се опфаќаат некаде околу илјада наши семејства. Јас сум оптимист дека ќе успееме во еден ваков чекор. Тоа се навистина големи буџетски средства, но со оглед на плановите што ги имам доколку немаме пречки или нешто се случи како што имавме во изминатите години, пред се пандемијата или енергетската криза да мораме да ребалансираме средства, да правиме измени на програми. Јас мислам дека ќе успееме во тоа и ќе бидеме ретка општина и со тоа сметам дека одреден дел од родителите ќе предомислиме, односно ќе правиме чекори за да тие си останат во својот роден град.

Пробиштип е град, каде што е сместена тешката индустрија, барем во овој источен регион. Имате рудник, имате топилница, имате фабрика за акумулатори, но исто така го имате и старото хидројаловиште, кое е меѓу оние 13 најжешки еколошки точки во земјава. Да ни кажете дали ќе дојде ред и време да се реши овој проблем за граѓаните на Пробиштип, бидејќи всушност ја загадува  почвата, но и воздухот и водата?

- Јас се надевам дека ќе дојде ред и време. Наскоро да кажам отпочнуваме со решавање на овој проблем. Јас многу пати сум зборувал за овој проблем и не само што сум зборувал, туку сум презел и конкретни чекори и како прва генерација, еве јас како градоначалник во локалната самоуправа во Пробиштип која влегла да го решава овој проблем.  Се претходно без разлика која и да била власт е само зборување пред избори. Јас и изминатите месеци, еве и денеска имаме седница на Совет, каде што ќе се расправа за проблемот за хидројаловиштето. Проблем што пред 26-27 години не била ставена никаква намена во ДУП-от. 2015 година е последниот обид на владата да се додели експлоатација на таа површина, каде што со оглед на самиот временски период, бидејќи тоа е неактивно јаловиште, неисплатливо е. Оние ретки метали што ги имаше во самата студија навистина се мал процент и четири, мислам дека субјекти странски инвеститори правеле анализи и испитувања каде што не се нафатиле да ја експлоатираат. Од 2019 година почнавме да правиме чекори за решавање на овој проблем од урбанизација, од Министерство за животна средина, Министерство за економија да се откажат од тоа дека е експлоатационо поле, па да дојдат во делот на земјиште на Република Македонија, па се до денеска каде што ние имаме таму во фаза на изгласување, односно одобрување од страна на Министерство за транспорт и врски два детални урбанистички планови, но пречка излезе намената на Генералниот урбанистички план. Сега правиме обединета постапка на парцијална измена на ГУП-от заедно со двата детални планови, за да можеме да го напрвиме она што се обидувам да го објаснам на опозицијата, да го направиме тоа да биде корисно земјиште и корисна површина. На каков и чекор да се одлучиме за решавање на јаловиштето, ние мораме да имаме урбанизација. Мојата идеја 2020 година, 2021 година кога почнавме да го работиме новиот проект како Општина заедно со професорите на факултетот „Гоце Делчев“  во Штип каде што имаат огромно познавање токму во тој дел, е на таа јаловишна површина со оглед дека почвата е загадена децении наназад да спречиме загадувањето и на таа површина да се постават фотоволтаици. Зошто сметав дека тој проект е важен? Затоа што Пробиштип е индустриски град. Пробиштип има голема потрошувачка на електрична енергија. Јас сум сведок, бидејќи мојот карактер на човек пред се, но и како градоначалник сум вклучен да кажам во секој еден проблем на приватниот сектор и на поголемите и се сеќавам како минатата година и претходната менаџментот на „Табмак“, на „Булмак“ беа уплашени дека може да се случи затворање на рудникот. Стигнавме на 650 евра мегават час. За два месеци ако ја платат електричната енергија тие ќе го искористија целиот нивен годишен профит на компаниите и пак можеше да се случи, за жал и третпат Пробиштип да биде во една повторно ќе кажам безизлезна ситуација и тогаш ќе баравме спас. И од аспект дека ние сме индустриска Општина, јас сметав дека и ден денес зборувам дека е најпозитивниот пример или најпаметно решение од жариште на болести, од жешката еколошка точка 13 како што кажавте, во Македонија ние направиме фотоволтаична централа на површина од 400 илјади квадрати и каде што таму ќе има обновлива енергија и единствен проект каде што можеш да добиеш бенефит како општина.

Градоначалник, хидројаловиштето, еве гледачите на МИА и читателите на МИА да им биде појасно тоа е старо рударско езеро исушено, во кое што сега има тешки метали и тоа создава сериозни здравствени проблеми на граѓаните. Што значи тоа, ќе има ли затрупување на земјиште или?

-Да. Така. Проектната задача која што беше дадена од наша страна како општина, проектот којшто е изработен значи прва фаза – дренирање, па потоа глинено јадро целото да се покрие јаловиште, да нема пропустливост на загадување на почвата од атмосферската вода која што ни доаѓа, секако најпрвин одводнување, потоа тампонирање на цела таа површина и можност да се јави некој инвеститор да влезе.

Колку ќе чини?

-Значи, некаде околу 3,5 милиони евра е обврската што би ја презел инвеститорот да го санира. Секако тој да го купи земјиштето и потоа да си инвестира во фотоволтаична централа. Ако успееме, бидејќи јас од тој аспект кога се навестуваше енергетската криза влеговме во еден ваков проект да кажам отворено и да ја искористиме можноста да привлечеме некој од големите компании. Се работи овде за многу голема инвестициија. Најпрво тој треба да инвестира во санација на јаловиштето – 3,5 милиони евра, фотоволтаиците се скапи, навистина инвестиции и после секако дека ќе има инвестиција и во самата мрежа електрична, така што станува збор за многу комплексен проект, многу скап, но тоа е едно од решенијата. Ние закочивме, ќе кажам отворено, во делот на самата урбанизација. Се случи, ќе кажам слободно, пред 26-27 години направиле тогаш превид или грешка тие планери кои работеле Генералниот урбанистичкиот план на Пробиштип, не ставиле намена на таа површина и ние сега ако сакаме за какво било решение, дали после ќе оди рекултивација да не мора да бидат фотоволтаици, ние мораме да имаме урбанизирана површина, мораме да знаеме каде е точно јаловиштето и што опфаќа.

Јас уште еднаш ќе повторам. Се надевам дека за неколку месеци ќе имаме комплетна, како што сега имаме комплетна документација за санација на јаловиште, ќе имаме и урбанизиран дел на таа цела површина и за брзо се надевам, половина година сигурно, можеби ќе дојдеме до реално решавање на најголемиот проблем во делот на загадувањето.

Додека решавате една стара еколошка точка Ви се отвора друга. Тоа е иницијативата т.е. постапката околу отворање на нов рудник за злато „Плавица- Црн Врв“. Успеавте ли еве заедно со еколошките активисти и со сите чинители во вашата Општина да го стопирате отворањето на овој нов рудник?

- Јас повеќе сум разговарал со менаџментот на новиот рудник којшто сака да се отвори или да се изгради на „Плавица“ на територија помеѓу Пробиштип и Кратово и всушност ова што го кажавте пред малку дека на Пробиштип му е доволно или премногу од загадувачки капацитети. Пробиштип, прво што направив во првите месеци како градоначалник беше една парцела, индустриската зона каде што беше предвидено да биде освен „Краунфилд Фаундри“ уште една градба за тешка и загадувачка индустрија. Направивме да биде таа компатибилна инвестиција, односно дозволивме влез на нов инвеститор кој воопшто нема да загадува. Мојот став по однос на „Плавица“ е многу јасен и јас сум го кажал повеќе пати и уште еднаш ќе го повторам. Кога ни беше презентиран проектот од нивна страна реков апсолутно дека ова е недозволиво. Ние овие денови во Пробиштип имаме реакција за приватна парцела на сечење на боров насад каде што општината нема никакви ингеренции и имаме луѓе кои протестираат. Планот на „Плавица“ е со вкупна површина, колку што е целиот Генерален урбанистички план на Пробиштип, толку опфаќа делот каде што тие имаат план во првите три или четири години да експлоатираат. И од аспект на загадувањето, значи не е само да бидеме, ние носители на функција кога ќе требаат гласови или пред избори, туку ако имаш став, тој став треба да биде и кога си на функција. Јас заедно со граѓаните на Пробиштип сметам дека нема да дозволиме да се отвори.

Меѓутоа, институциите продолжуваат со постапката.

- Јас знам, меѓутоа укажавме и на Министерство за транспорт и врски за кои верувам дека во прв момент тие немале информација, укажавме дека нашиот став како Општина не е изменет, односно треба да разговараме. Ние сме отворени за разговор со нив. Моето укажување до нив беше да работат на проект што нема да загадува, ако постои таков, зборувам за рудник, бидејќи тој е, ќе кажам, единствениот дел којшто е чист во Пробиштип. Токму потегот кај што треба да биде новиот рудник. И на крај многу често ние знаеме да зборуваме за одржлив развој на општините, на регионите. Јас сум свесен дека Пробиштип е рударска општина и ние сме познати по рударството. Но, сметам дека треба да се почека и доколку се отвори некогаш „Плавица“, веројтно и самите технологии и начин на работа ќе биде со помал процент на загадување, нека се почека, кога ќе кажат имаме јасни информации дека експлоатацијата е при крај во самиот олово-цинков рудник ќе оставиме простор нека продолжи Пробиштип по патот на рударството, но нека имаат можност и новите генерации коишто излегуваат, да егзистираат во Пробиштип.

Меѓутоа, инвеститорот не кажува со каква технологија би ја преработувал рудата т.е. би ја вадел рудата од рудникот, на тоа реагираат еве и еколошките активисти. Не им е јасно како ќе биде преработката на рудата.

-Планот, јас сега ќе бидам отворен, вториот проект, односно она што ме информираат е дека имаат сменето во делот на начинот на преработка на рудникот „Плавица“. Првиот модел беше апсолутно недозволив. Станува збор за ново јаловиште кое ќе никне на северниот дел на Пробиштип, иако тие кажуваат дека нема да се користи цијанид. Тоа значи на сами два-три километри од Пробиштип од потегот од Кратово во тој дел. Од едната страна ако влегувате во Пробиштип го имате јаловиштето кое е жешка еколошка точка, сега ни фали да има уште едно од Кратовскиот дел што доаѓа во Пробиштип и таман тоа ќе биде шести загадувач на територија на општина Пробиштип и затоа ќе немам лично нешто против нив како инвеститор. Свесен сум, кажав дека Пробиштип е рударски град, меѓутоа сметам дека треба да се почека со тој рудник, треба да работат уште, мислам дека постои модел каде што ќе нема или ќе биде помало загадувањето, ваквиот модел каков што го имаат. Сега јас останувам на мојот став, бидејќи знам колку е штетно влијанието во Пробиштип од ова јаволиште што го имаме кога се крева таа оловна прашина, знам дека кога станува збор за еден таков рудник на ваква една површина не може да нема загадување.

Дали е потребен референдум по ова прашање според вас?

-Ако треба ќе одиме и на референдумот нека го кажат ставот граѓаните. Јас сум човек и носител на функција, кој го слуша гласот на народот, на граѓаните. Ќе разговараме, ако требa и референдум и на тој чекор ќе оди Општина Пробиштип и тогаш нека се изјаснат дали сме за отворање на нов  рудник, дали не сме за отворање.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: Борис Куноски

Видео и монтажа: Аслан Вишко

 

Остани поврзан