• сабота, 23 ноември 2024

Анализа на АВМУ за родовите прашања во телевизиски програми

Анализа на АВМУ за родовите прашања во телевизиски програми

Скопје, 28 март 2023 (МИА) – Aнализата на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во забавните програми на радиодифузерите во 2022 година, која за потребите на Агенцијата ја изработи Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, беа во фокусот на денешниот прв јавен состанок на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги за оваа година.

Директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, направи пресек и на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Тој исто така информираше дека Агенцијата, преку ангажирање на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, изработила анализа на одбран примерок од забавните содржини во 2022 година за третманот што го добиваат родовите прашања и за начинот на прикажување и претставување на жените и мажите во програмите на радиодифузерите.

- Примерокот кој го обезбеди АВМУ е одбран од програмите со забавна функција емитувани во периодот од 15 мај до 16 јуни 2022 година на девет програмски сервиси на државно ниво: МРТ1, МРТ2, ТВ Алсат – М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 24 и ТВ Компани 21 – М, истакна Трајчевски. 

Прикажувањето и претставувањето на анализата ја изврши Викторија Боровска, виша научна соработничка при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје која била една од главните истражувачки и авторки на Анализата.

Како што информираа од Агенцијата, анализата покажува дека во дел од анализираните телевизиски програми отсуствува родова сензитивност, додека пак наспроти тоа, забележани се содржини во кои се преиспитуваа традиционално поставените родови улоги и норми, а жените се промовираа во различните општествени сфери.

- Кога станува збор за програмите со забавна функција, жените беа ангажирани почесто како уреднички или како водителки и новинарки во емисиите отколку мажите. Во однос на гостите/гостинките или соговорниците/соговорничките претставени во овие емисии постоеше изедначеност помеѓу мажите и жените, информираат од АВМУ.

Во поглед на анализата на родовиот дискурс, се забележува поприлична шареноликост – од патријархални и стереотипни дискурси, преку родово слепило и неутралност, до афирмативни дискурси кон родовата рамноправност.

- Иако генералниот заклучок кој се однесува на еден ваков голем примерок е дека повеќето од содржините беа родово неутрални, сепак можеа да се забележат и двете крајности – на содржини со впечатливо традиционални аспекти и со впечатливо прогресивни и современи ставови во поглед на родовата рамноправност, велат од Агенцијата.

Целата анализа е достапна на веб страната на Агенцијата www.avmu.mkсх/са/

Фото: АВМУ

Остани поврзан