• понеделник, 23 декември 2024

Ампева: Висината на минималната плата не треба да ја одредува ЕСС, а уште помалку да се даваат повторно државни субвенции за фирмите

Ампева: Висината на минималната плата не треба да ја одредува ЕСС, а уште помалку да се даваат повторно државни субвенции за фирмите

Штип, 7 февруари 2022 (МИА) - Предлог-законот за изменување на Законот за минимална плата не нуди системски решенија, туку само се маскира состојбата, оцени на денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ - Штип. Таа смета дека со членовите 1 и 2 во Предлог-законот, зголемувањето на минималната плата ќе зависи само од Економско-социјалниот совет. Ампева побара во преговорите да бидат вклучени и експерти, а истовремено јасно да се дефинира сумата, а не процент како што е сега во Законот за минимална плата.

- Дали ова значи дека усогласувањето и покачувањето на минималната плата ќе зависи од трипартитниот дијалог што се води изминатиот период. Дали значи дека зголемувањето на платата ќе зависи од Синдикатот, Организација на работодавачи и Владата, треба да има позитивен одговор од сите, па ние да имаме покачување на минималната плата, вели Ампева.

Смета дека на ваков начин покачувањето на минималната плата без реални решенија би можело повторно да ги врати злоупотребите од страна на работодавците, на тој начин што работниците би им ја враќале дел од платата во плик, какви што и имаше примери пред неколку години. Категорична е дека ново субвенционирање на приватниот сектор со државни пари, не смее да има.

 - Тоа го увидовме како проблем  и во 2017 година кога имаше субвенционирање во тогашната минимална плата, видовме дека беа злоупотребени државните пари . Истото го видовме и во сетовите на мерки за помош во корона кризата кога државниот буџет повторно беше злоупотребен. Државниот буџет е народен, ние таму плаќаме придонеси и даноци. Не може да се делат пари на фирми кои ги злоупотребуваат ие пари. Тоа не е решение! Не е долгорочно,тоа е само маска, рече Ампева.

Ампева порача дека позитивен пример во регионот е Црна Гора каде минатиот месец минималната плата е покачена на 750 евра, а тамошната Влада се откажа од здравствените придонеси. Ампева на денешната прес-конференција реагираше и на најавата за ослободување од даноци на ИТ-секторот. Смета дека е невозможно најбогатата индустрија да биде ослободена од оданочување, кога имаме конкретни индустриски гранки на кои им треба сериозна помош. Што се однесува за решенијата на минималната плата вели дека треба да се викнат економските експерти, кои треба да го дадат своето мислење. Прашана дали е за минималната плата да биде 18.000 денари, Ампева со категоричен одговор дека е и за да биде над 18.000 денари, бидејќи граѓаните имаат зголемени трошоци со покачувањето на цените и на струјата. вдј/фф/

Остани поврзан