• сабота, 23 ноември 2024

Амнести Интернешнл: Кина и Блискиот исток со најмногу смртни казни

Амнести Интернешнл: Кина и Блискиот исток со најмногу смртни казни

Лондон, 21 април 2021 (МИА) - Организацијата Амнести Интернешнл, во својот годишен извештај за смртните казни, констатира дека предизвиците што ги носи пандемијата на коронавирусот придонеле за пад на бројот на егзекуции во периодот од јануари до декември 2020 година. Но, тие биле извршени од 18 земји.

„Додека светот се фокусираше на усвојување начин за заштита на животот од Ковид-19, неколку земји покажаа вознемирувачка одлучност да продолжат со смртната казна, без оглед на се“, рече Агнес Каламард, генерална секретарка на Амнести Интернешнл.

Според Амнести, во 2020 година биле погубени најмалку 483 лица, не сметајќи ги Кина, Северна Кореја, Сирија и Виетнам. Таа бројка е најниска во последните 10 години, а минатата година беше 657. За Кина се верува дека е „најголемиот егзекутор во светот“, а во извештајот се наведува дека таа земја погубува илјадници луѓе секоја година. Но, кинеските власти сметаат дека бројките се државна тајна, па затоа е тешко да се процени колку казни се изречени. По Кина, следуваат државите од Блискиот исток - Иран, Египет, Ирак и Саудиска Арабија, каде што во 2020 година беа извршени 88 проценти од сите смртни казни во светот. Иран е втор егзекутор со повеќе од 246 смртни казни во 2020 година, додека 107 беа егзекутирани во Египет, три пати повеќе од претходната година. Ирак погуби повеќе од 45, а Саудиска Арабија 27. САД се единствената земја на американскиот континент каде што се извршуваат егзекуции, а во јули 2020 година се регистрирани првите по 17 години. Администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп погуби 10 лица за помалку од шест месеци, а во текот на целата година имаше 17. Смртни казни биле извршени во Сомалија, Јемен, Индија, Оман, Боцвана, Јужен Судан, Бангладеш, Катар, Северна Кореја, Сирија, Виетнам, како и во Тајван. Амнести тврди дека најмалку 28.567 луѓе чекаат да бидат погубени ширум светот. Според начинот на извршување на казната, најчести се стрелање и бесење, а се користат и смртоносни инјекции, електрични столови и обезглавувања, кои ги користи Саудиска Арабија. паг/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан