• сабота, 23 ноември 2024

Американските војници се повлекоа од пет бази во Авганистан

Американските војници се повлекоа од пет бази во Авганистан
Вашингтон, 14 јули 2020 (МИА) - Американските војници се повлекоа од пет воени бази во Авганистан во согласност со Договорот потпишан помеѓу Вашингтон и талибанците во февруари, потврдија двете страни, без да ги наведат базите. Според американски и авганистански извори американските војници се повлекоа од базите во провинциите Хелманд, Урузган, Пактика и Лагман. Според Договорот американските војници требаше да напуштат пет воен бази и да го намалат контингентот во Авганистан до 8.600 војници во рок од 135 дена по потпишувањето на Договорот, чиј краен рок беше вчера. Талибанците го поздравија повлекувањето, но ги обвинија американските војници дека извршиле воздушни напади во реони „надвор од зоните на активни борби“. Специјалниот претставник на САД за Авганистан, Залмај Халилзад денеска потврди дека е реализирана првата етапа од Договорот. Тој ги отфрли критиките за насилство во Авганистан и го осуди вчерашниот напад на талибанците, при што загинаа 12 членови на авганистанската разузнавачка служба, а повредени се 63 лица. Халилзад истакна дека за реализација на следната етапа од Договорот ќе инсистира авганистанската Влада и талибанците да продолжат да ги ослободуваат затворениците, со цел да се намали насилството во земјата. - Талибанците треба да го исполнат ветвувањето и да не преземаат терористички акции, како и ветувањето за отпочнување на мировни преговори во Авганистан, со што ќе се стави крај на повеќедецениската војна, посочи Халилзад. ми/

Остани поврзан