• петок, 22 ноември 2024

Американскиот Сенат не се согласи Дејвид Костеланчик да биде амбасадор во Албанија

Американскиот Сенат не се согласи Дејвид Костеланчик да биде амбасадор во Албанија

Тирана, 4 јануари 2024 (МИА) - Американскиот Сенат не го одобри наименувањето на Дејвид Џ. Костеланчик за амбасадор на Соединетите Американски Држави во Албанија, објави euronews.al.

Сенатот побарал од американскиот претседател Џо Бајден да предложи нов кандидат за оваа функција.

Бајден кон крајот на јануари минатата година го номинира дипломатот од кариера Костеланчик за амбасадор во Албанија, кој служеше во американската амбасада во Албанија во раните 90-ти, во политичката канцеларија.

Тој работи како советник за надворешна политика на началникот на Генералштабот на САД, генерал Марк Мили. Претходно бил заменик-шеф на мисијата и две години вршител на должност во амбасадата на САД во Будимпешта, Унгарија.

Бил директор на Канцеларијата за прашања на Јужна Централна Европа и директор на Канцеларијата за руски прашања во Бирото за европски и евроазиски прашања, како и директор на Канцеларијата за Европа и Азија во Меѓународното биро за наркотици и спроведување на законот. Двапати бил дел од американската амбасада во Москва, а служел и во мисиите на САД во ОБСЕ и НАТО, како и во Анкара, Турција.

Дипломатот Костеланчик, по потекло од државата Илиноис, дипломирал на Универзитетот Нортвестерн во оваа држава. Тој, исто така, има две магистерски дипломи од Националниот воен колеџ и Универзитетот во Мичиген. Зборува руски, унгарски, албански и турски јазик.

Костеланчик требаше да ја замени амбасадорката Јуриј Ким, која Албанија ја напушти пред завршување на мандатот, откако беше назначена за заменик помошник главен секретар за европски прашања, што е најважната функција во Стејт департаментот по државниот секретар.  вт/паг/

Фото: Амбасада на САД-Тирана

Остани поврзан