• сабота, 23 ноември 2024

Американскиот министер за одбрана на интензивна нега

Американскиот министер за одбрана на интензивна нега

Вашингтон, 12 февруари 2024 (МИА) - Американскиот министер за одбрана Лојд Остин е примен на одделението за интензивна нега во рамки на неговата хоспитализација поради итен проблем со мочниот меур, соопшти Пентагон.

„Вечерва, по серија тестови и проценки, министерот беше примен на одделот за интензивна нега во Националниот воено медицински центар 'Волтер Рид' за поддршка и внимателно следење“, се вели во соопштението објавено доцна синоќа.

Пентагон претходно соопшти дека Остин бил вратен во болница за лекување на „симптоми кои укажуваат на итен проблем со мочниот меур“. Подоцна беше објавено дека Остин ги префрлил своите овластувања на заменичката Кетлин Хикс, која моментално ја извршува функцијата шеф на Пентагон.

Остин (70) на 22 декември бил примен во болницата на лекување од рак на простата.

Тој повторно се врати во болница на 1 јануари поради компликации, вклучително и инфекција на уринарниот тракт.

Информациите за неговата хоспитализација беа откриени дури четири дена подоцна, а Пентагон во меѓувреме не прецизираше зошто министерот е задржан на лекување до 9 јануари.

Пред неколку дена беше објавено дека Остин ќе сведочи пред Конгресот на 29 февруари во врска со неговото необјавување на дијагнозата за рак и последователната хоспитализација. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан