• недела, 22 декември 2024

Американската администрација побара од Израел да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа

Американската администрација побара од Израел да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа

Вашингтон, 15 октомври 2024 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден испрати писмо до израелската Влада во кое бара таа да работи на подобрување на хуманитарната ситуација во Газа во следните 30 дена или ризикува да ги прекрши американските закони со кои се регулира странската воена помош, јави Си-Ен-Ен.

Писмото, заеднички напишано од американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин, беше упатено до израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и министерот за стратешки прашања Рон Дермер. 

Барањето претставува нов чекор на САД во обидот да го принудат Израел да ја олесни испораката на хуманитарна помош во Газа. 

Во писмото, исто така, се наведува дека Стејт департментот и Министерството за одбрана, според американскиот закон, „мора постојано да проценуваат“ дали Израел ги следи гаранциите што ги даде претходно оваа година дека нема да го ограничи протокот на помош во енклавата. 

Рокот од 30 дена истекува по претседателските избори во САД на 5 ноември.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан