• сабота, 23 ноември 2024

Амбасада на САД во БиХ: Додик воведува репресивен режим во Република Српска

Амбасада на САД во БиХ:  Додик воведува репресивен режим во Република Српска

Сараево, 10 март 2023 (МИА) - Најавите за властите во Република Српска за криминализирање на клеветата и воведување регистар на „странски агенти“ наидоа на остра осуда и од американската Амбасада во БиХ, предупредувајќи дека тоа се планови чија јасна намера е репресија и ограничување на слободата на изразување.

Американската дипломатија жестоко реагираше на најавите за измени на Кривичниот законик во Република Српска, со што ќе се воведат драстични казни за клевета, односно повреда на честа и угледот, како и на најавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, дека тој  предлага во ентитетот да се донесе закон со кој ќе се воведе обврска за регистрација на „странските агенти“, односно организации кои добиваат финансиска помош од странство.

Додик оваа новина ја соопшти во исто време кога во Грузија избија масовните немири поради обидите на властит е во земјата да воведат сличен закон.

„Властите во Република Српска објавија планови за усвојување два репресивни, недемократски закони, што, доколку се спроведат, драстично ќе ги прекршат правата и слободите на луѓето кои живеат во Република Српска. Овие закони само ќе и користат на владејачката коалиција во нејзините напори да ја зацврсти својата моќ, а ќе бидат на штета на сите други“, соопшти американската амбасада во врска со плановите на Додик.

На почетокот на неделава Додик новинарите кои ја критикуваат неговата влада ги нарече „плашила“, а веднаш потоа вандали, кои полицијата до денеска се уште не ги пронајде, ги оштетија автомобилите на двајца такви новинари во Бања Лука.

Амбасадата на САД наведува дека ги гледа законите објавени од владата на Додик како обид да се стигматизираат и замолчат независните гласови во Република Српска кои сакаат да изградат демократска и просперитетна иднина за нејзините жители.

Предложените закони ќе им отежнат на граѓаните да бараат одговорност од владата на Република Српска и ќе овозможат непречено зголемување на корупцијата, соопшти амбасадата.  сд/

 

Остани поврзан