• петок, 22 ноември 2024

Алчевски: Жалиме за пропуштената шанса против Кипар, нема да биде лесно против Србија

Алчевски: Жалиме за пропуштената шанса против Кипар, нема да биде лесно против Србија

Ларнака, 18 ноември 2022 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска во Ларнака ги продолжува подготовките за претстојниот контролен дуел против Србија, по вчерашниот меч со домаќинот Кипар.

Во интересен натпревар со многу возбудувања и неискористени шанси, македонската репрезентација во четвртокот одиграа нерешено 1:1, против Кипар, а „црвено – жолтите‘ во 85. минута не реализираа удар од 11. метри.

Марко Алчевски, еден од најдобрите поединци на вчерашниот меч против Кипар, кој имаше неколку извонредни интервенции даде своја анализа за вчерашната игра на Македонија.

- Одигравме навистина добар натпревар против квалитетната и незгодна селекција на Кипар. Жалиме за пропуштената победа, но што е тука е, одиме понатаму. Имаше доста позитивни работи во нашата игра на вчерашниот меч против Кипар, но и сегменти и делови од играта каде што мораме да се подобриме. На прав пат сме, сакаме да бидеме подобри на секој нареден меч, изјави Алчевски.

Избраниците на селекторот Драган Канатларовски во рамки на подготовките во Кипар на 22 ноември ќе играат против Србија.

- Нема да биде лесно против селекцијата на Србија, имаме одличен противник за надигрување, сакаме да оствариме победа. Имаме квалитетен тим, владее одлична енергија помеѓу нас фудбалерите, поседуваме јасна цел и визија. Треба на секој натпревар да пристапиме со одлучност и голема желба за победа, посочи Алчевски. ег/дма/

Остани поврзан