• сабота, 23 ноември 2024

Алтернатива, БЕСА и Демократско движење доставија интерпелација за работата на обвинителот Јовески

Алтернатива, БЕСА и Демократско движење доставија интерпелација за работата на обвинителот Јовески

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Група пратеници од Алтернатива, Движење БЕСА и Демократско движење доставија интерпелација за работата на јавниот обвинител Љубомир Јовески поради судскиот предмет за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Тие бараат јавниот обвинител да се појави во Собрание и пред народот и да ја објасни својата улога во овој случај, имајќи ги предвид сите обвинувања наведени во врска со неговата работа.

- Иако Љубомир Јовески заслужува повеќе интерпелации и отповикување на одговорност, бидејќи не е никаква вест да се каже дека Јавното обвинителство стана едно од министерствата на оваа Влада, сепак, основната причина за оваа интерпелација е кулминацијата на неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство, што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница во Тетово, каде трагично загинаа 14 лица. Ние сметаме дека улогата на јавниот обвинител Љубомир Јовески, во овој случај стана предмет на сомнеж и за тоа е потребна одговорност и јавно објаснување, велат пратениците во заедничка изјава.

Тие истакнуваат дека интерпелацијата има за цел во јавна собраниска расправа да ги активира сериозните сомнежи дека, како што велат, Јавното обвинителство криело факти и информации во текот на целата постапка за да заштити на тој начин некои политичари и членови на бизнис елитите, кои биле вклучени во изградбата на модуларните болници кои беа предмет на оваа трагедија.

- Затоа, врз основа на одредбите од Уставот на Република Северна Македонија и Деловникот на Собранието на РСМ, ние денеска ја доставивме интерпелацијата во архивата на Собранието и чекаме претседателот на Собранието да ја процесуира истата, информираат пратениците.

Групата пратеници од Алтернатива, Движење БЕСА и Демократско движење потсетува дека врз основа на Деловникот на Собранието, поточно член 47 од истиот, претседателот на законодавниот дом е должен во рок од 15 дена од доставувањето на интерпелацијата, да ја стави на дневен ред на следната прва пленарна седница.

- Оттука, ние очекуваме претседателот на Собранието да го почитува Деловникот на Собранието, а останатиот дел е да се соочиме со аргументи со јавниот обвинител Љубомир Јовески, за тоа како се случило 14 лица да изгорат во болница и да не се бара одговорност од претпријатието што ја изградил модуларната болница, од изведувачот на јавната набавка, потоа да објасни зошто не бил земен предвид извештајот на германската форензика и зошто е изземен обвинителот кој првично беше одреден за тој предмет, велат пратениците. ир/лв/

 

Фото: Алтернатива, Движење БЕСА и Демократско движење

Остани поврзан