• недела, 22 декември 2024

Алијанса за Албанците влегува во Владата (ДПЛ)

Алијанса за Албанците влегува во Владата (ДПЛ)

Тетово, 9 февруари 2023 (МИА) - Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по состанокот на Централното претседателство информираше дека партијата ќе биде дел од Владата. Тие досега воделе преговори со премиерот Димитар Ковачевски, при што е договорено да имаат три министерски места и двајца заменици министри. До одлуката на АА дојде и по извршеното внатрепартиско референдумско изјаснување на членовите по електронски пат кои го одобриле учеството на партијата во извршната власт.

-Добивме фит бек од повеќето членови на АА дека добро е Алијанса да биде дел од Владата. Исто така повеќето членови на Централното претседателство донесоа одлука со пакетот што го презентиравме АА да биде дел од Владата и тоа со два заменици министри за одбрана и за земјоделство и три министерстерски места - правда и здравство се сигурно и третото министерство ќе биде или Министерството за информатичко општество или заменик-премиер за економски прашања. Ова се одлуките, а за кадровските решенија ќе продолжи состанокот на Централното претседателство, изјави Таравари.

Тој рече и дека во текот на утрешниот ден продолжуваат преговорите со премиерот Димитар Ковачевски околу кадровските решенија.

-Најверојатно утре ќе имаме состанок со Ковачевски по што веќе синхронизираните програми ќе ги потпишеме и можеби утре ќе се дадат имињата за можни идни министри и заменици министри. Има и директорски места меѓутоа јас не би влегол во таква дискусија сега. Прво да се избере Владата после тоа ќе ги назначиме нашите директори. Во периодот што е пред нас ќе се знаат и кои се институциите со коишто ќе раководи АА. Нашата мисија оваа година е да ја направиме разликата во раководење со одредни институциии и се надевам да се постигне целта на нашата мисија, истакна Таравари на прес-конференцијата по состанокот на Централното  претседателство.

Партискиот лидер рече дека не знае точно кога би можело да има избор на нова Влада и дека тоа ќе биде согласно процедурите. ас/дма/

 

Остани поврзан