• петок, 05 декември 2025

Алба ја напушта Евролигата и се враќа во ФИБА

Алба ја напушта Евролигата и се враќа во ФИБА


Берлин, 7 мај 2025 (МИА) – Кошаркарскиот клуб Алба од Берлин објави денеска дека ја напушта Евролигата и од следната сезона ќе настапува во Лигата на шампиони на ФИБА.
Алба одлучи да ја напушти Евролигата по 24 години учество во најдоброто европско клупско натпреварување.
Претходно, германскиот клуб учествуваше во европските натпреварувања на ФИБА од 1990 до 2001 година, освојувајќи го Купот Кораќ во 1995 година.
„Со влегувањето во Лигата на шампиони на ФИБА, започнуваме ново возбудливо поглавје, во согласност со промените во европскиот кошаркарски пејзаж. Условите за учество во Евролигата значително се променија и сакаме да бидеме дел од одржлив и развоен модел на европска кошарка“, изјави генералниот директор на клубот, Марко Балди.
Генералниот директор на Лигата на шампионите на ФИБА, Патрик Комнинос, ја поздрави одлуката на Алба и рече дека Берлин е клучна точка во стратегијата за понатамошен развој на натпреварувањето.
„Алба е клуб со богата традиција, модерна арена, силен младински погон и жива заедница на навивачи. Нивното приклучување е потврда за квалитетот и иднината на нашето натпреварување“, рече Комнинос.
Во сезоната 2024/25 во Лигата на шампиони учествуваа 32 клубови од 16 земји, а финалето ќе се игра следниот викенд во Атина. ег
ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан