Албанскиот Парламент го изгласа буџетот за 2025 година, тежи 8,2 милијарди евра
Тирана, 19 ноември 2024 (МИА) - Албанскиот парламент вечерва само со гласовите на владејачкото мнозинство го донесе буџетот за следната година.
По 23 -часовна расправа буџетот беше донесен со 75 гласови "за". Против гласаа 40 пратеници од опозицијата, кои во текот на целата расправа обвинуваа дека буџетот е анти-социјален и оти државата ја "втурнува во се подлабока криза".
Опозицијата, која организираше и протест пред парламентот, на Еди Рама му порача дека ова е негов последен буџет, зашто " албанските граѓани ќе му пресудат на пролетните парламентарни избори".
Буџетот проектиран на 822,7 милијарди лека или 8,2 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повисок во однос на оваа календарска година и е историски највисок.
Владата со буџетот предвидува да продолжи со финансирање, во значителен обем, на јавни инвестиции во просек од 6,1 отсто од Бруто домашниот производ, кои ќе бидат насочени кон финансирање на проекти од стратешко значење и поврзани со планот за раст на ЕУ.
Планираните расходи се однесуваат на дигитализацијата, транспортот, националната безбедност, здравството, образованието и земјоделството и руралниот развој.
Буџетските приходи за 2025 година се предвидени на 7,5 милијарди евра или 28,8 отсто од БДП.
Се предвидува задолжување на странскиот пазар со еврообврзница во износ од 600 милиони евра.
Се предвидува и значително намалување на нивото на јавниот долг на околу 55,8 отсто во 2025 година.
За следната година е предвиден фонд за индексирање на пензиите во износ од 1,6 милијарди лека, додека за новогодишен бонус за пензионерите планирани се 3,75 милијарди лека.
Економијата на земјата се очекува да се зајакне во среднорочниот период 2025-2027 година, во просек на ниво од 3,9 отсто, главно под влијание на инвестициите во градежништвото, како и на туризмот, како стратешки сектор. вт/