• недела, 22 декември 2024

Албанија: Протест во Химара за ослободување на Белери, говорници градоначалниците на Атина и на Солун

Албанија: Протест во Химара за ослободување на Белери, говорници градоначалниците на Атина и на Солун

Тирана, 14 август 2023 (МИА) – Во организација на друштвото на грчкото малцинство во Албанија „Омонија“ во приморското гратче Химара, населено главно со припадници на ова малцинство, беше одржан протест со барање за ослободување од притвор на Фреди Белери.

-Целта на овој протест е ослободување на Фреди Белери, избраниот градоначалник од нас. Тој мора да биде ослободен и да положи заклетва. Ние сме на мирен протест и бараме правда, порачаа, меѓу другото, учесниците на протестот.

Белери на локалните избори, одржани на 14 мај, беше реизбран за градоначалник иако беше во притвор, откако беша уапсен два дена пред изборите под обвинение за изборна корупција.

На протестот, одржан во центарот на Химара, се обратија градоначалниците на Атина и на Солун, кои порачаа веднаш да биде ослободен Белери зашто „во прашање ја доведува еворинтеграција на Албанија“.

За градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис, притворот на Фреди Белери го нарушува владеењето на правото.

-Химара има градоначалник, вие сте избрале градоначалник а тој е Фреди Белери. Има право да положи заклетва како градоначалник и да ги преземе своите должности. Тоа е негово право, но тоа е и право на Химаријотите. Сакам да и посакам добредојде на Албанија во европското семејство, сакаме да живееме заедно во нашата голема куќа, но на оваа куќа и требаат темели, владеење на правото, демократија, тоа се нашите принципи и за нив не се преговара, порача тој.

Градоначалникот на Солун, обвини дека на „Фреди Белери му се кршат правата“ додавајќи дека „овие простори се исполнети со љубов кон хеленизмот“.

-Стојам овде пред вас и ја наведнувам главата во знак на почит, храброст и борба да прифатам ништо помалку од слобода. Оваа битка ќе ја водиме заедно онолку долго и секаде каде што е потребно. Го пренесувам гласот на Солун, кој отсекогаш бил центар на хеленизмот на Балканот, на Медитеранот, кој е татковина на бегалците и светилник на правдата. Обидот да се елиминира Фреди Белер поставува пречки на европскиот пат на Албанија, рече тој.

На протестот зборуваше и поранешниот албански министер за правда, сега адвокат, Или Мањани според кого „Белери неправедно се држи во затвор“ и му порача на премиерот Еди Рама „да не си поигрува со нервите на Химаријотите“.

На протестот беше и лидерот на грчката партија за заштита на човековите права, актуелен пратеник, Вангел Дуле.

Реизборот на Белери го верификува Централната изборна комисија, но доколку тој не даде заклетва во рок од три месеци, комисијата ќе ја почне постапката за повторување на изборите, кои треба да ги закаже шефот на државата.

По најавата за одржување протест реагираше Партијата за правда, интеграција и единство, во која главно членуваат Чамите, Албанци протерани од областа Чамарија, Грција. За партијата ова е мешање на Грција во внатрешните работи на Албанија и притисок врз албанското правосудство.

Веднаш по притворот во континуитет реагира официјална Атина, барајќи ослободување на Белери, потенцирајќи ја неговата невиност и условувајќи ја Албанија со нејзиниот евроинтегративен пат. вт/ссм/

 

Фото: друштво Омонија-ФБ

Остани поврзан