• понеделник, 23 декември 2024

Активисти на Гринпис поставија ледена скулптура на пингвини во Загреб

Активисти на Гринпис поставија ледена скулптура на пингвини во Загреб
Загреб, 7 февруари 2020 (МИА) - Активисти на „Гринпис“ денеска поставија ледена скулптура на пингвини пред зградата на Националната и универзитетска библиотека (НСК), централното место на претседателството на Хрватска со Советот на ЕУ, со што Загреб се приклучи на глобалната акција за заштита на океаните со која се бара силен глобален Договор за светските мориња. Гринпис спроведува вакви активности во околу 20 земји на пет континенти. Скулптурите на пингвини кои ќе бидат поставени пред важни политички седишта низ целиот свет, со топењето симболично ќе укажат на сè погубните последици од климатските промени и важната улога на океаните во нивно ублажување, изјави портпаролката на Гринпис Марија Томац. - Морскиот живот е на работ на еколошки колапс, истакна Томац. Таа рече дека два брода на Гринпис моментално се наоѓаат на Антарктикот каде колониите на пингвини се преполовиле и оти шест од седум видови на морски желки се пред изумирање, китовите се насукуваат со желудници полни со пластика, милиони делфини и ајкули се фатени во индустриски, неселективни методи за риболов. - Животот во морето е загрозен и ова е последна шанса да направиме нешто конкретно за да успее да заздрави, изјави Томац. Таа потсети дека научниците предупредуваат оти до 2030 година треба да се заштитат најмалку 30 проценти од светските мориња со цел морскиот свет барем до некаде да заздрави. Според неа, сега е историски момент во заштитата на океаните, пред четвртата и последна рунда преговори во Обединетите нации, затоа што за првпат светските влади ќе се сретнат во рамки на конференција на ОН и ќе разговараат за донесување глобален Договор за светските мориња. јт/

Остани поврзан