• петок, 22 ноември 2024

Академик Зузана Тополињска одликувана со Орден за заслуги на Република Полска

Академик Зузана Тополињска одликувана со Орден за заслуги на Република Полска

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Академик Зузана Тополињска денеска во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) беше одликувана со Орден за заслуги на Република Полска, едно од највисоките државни признанија. 

Академик Тополињска ја одликува претседателот на Полска, Анджеј Дуда, а орденот ѝ беше доделен од страна на Амбасадорот на Република Полска во Северна Македонија,  Кшиштоф Гжелчик.

Академик Тополињска е авторка на над 500 научни публикации, меѓу нив над 20 книги. За член на МАНУ, надвор од работниот состав, е избрана во 1976 година, а за редовен член во 1996 година. Од 1991 е редовен член на Полската академија на науки и уметности (ПАУ) во Краков, а од 1997 година и странски член на САНУ. 

Таа е еден од организаторите на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) во МАНУ и од неговото основање во 2000 година до 2016 година го раководела Центарот. Во ИЦАЛ го води проектот „Местото на македонскиот јазик во словенскиот и балканскиот јазичен свет“, а при Одделението за лингвистика и литературна наука проектот „Граматички опис на македонскиот стандарден јазик“. 

Член е на редакциски одбори на повеќе славистички списанија, член на Варшавското научно друштво и на Полското лингвистичко друштво. 

Добитник е на многу награди во Полска, Југославија и Македонија, меѓу другите Орден на југословенско знаме со златен венец (1990) и Државна награда на Македонија „11 октомври” (1989). 


Академик Тополињска членува и во две комисии на Меѓународниот славистички комитет (МКС): Комисијата за изучување на граматичките структури на словенските јазици и Комисијата за Општословенски атлас. Таа е doctor honoris causa на УКИМ (1997) и на Универзитетот во Вроцлав (Полска, 2016).

Во 2016 година на Универзитетот во Варшава нејзиниот докторат беше свечено обновен по 50 години. ар/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан