• петок, 22 ноември 2024

Аероклубот Скопје со повик до старите членови да споделат фотографии и нераскажани приказни од нивното време во клубот

Аероклубот Скопје со повик до старите членови да споделат фотографии и нераскажани приказни од нивното време во клубот

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Аероклубот Скопје, како најстар аероклуб во државава, кој годинава одбележува еден век од основањето, ги повикува сите поранешни членови и нивните семејства, да ги споделат своите спомени и фотографии од нивното време во клубот.

Во архивите на Аероклубот, како што посочуваат, постојат дневници на летање и скокање, списоци со членови, фотографии и видеа, но оттаму веруваат дека потребно е да ја зачуваат нивната историја преку личните приказни и стари фотографии на сите кои биле членови на клубот.

Клубот е заинтересиран за лични фотографии, приказни и спомени од минатото, вклучително и какви било искуства или анегдоти што може да ги имаат членовите.

-Клубот ги охрабрува сите поранешни членови да ги споделат своите искуства, без разлика колку се големи или мали, бидејќи секоја приказна ќе помогне да се наслика поцелосна слика за историјата на клубот. Оваа година кога прославивме еден век од основањето на Аероклубот должни сме да се сетиме и да ги споменеме сите членови кои со своето несебично залагање направиле Аероклубот да биде тоа што е денес, сериозна воздухопловна организација, се вели во соопштението.

За оние што не се веќе со нас, се додава во соопштението, ги охрабруваме семејствата да се присетат на раскажувањата и да ги отворат старите кутии со фотографии.

Придонесите, како што посочуваат, може да се испратат до Аеро клубот Скопје преку е-пошта на 100@skopje.aero.

Аероклубот Скопје е основан во 1923 година и оттогаш е витален дел од воздухопловната историја на државата. Клубот одигра суштинска улога во развојот на воздухопловната култура во земјата, а неговите членови се вклучени во многу активности, вклучувајќи обука за летање на авиони и едрилици, скокање со падобрани, одржување на авиони и разни воздухопловни настани. 

Клубот има богата историја и оттаму веруваат дека приказните и сеќавањата на нивните поранешни членови се суштински дел од таа историја. мс/бак/

Фото/Аероклуб Скопје

 

Остани поврзан